Неколкудневните врнежи од дожд во земјава предизвикаа зголемување на нивоата на реките. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат за локални излевања на реката Вардар кај Рашче, на Крива Река и Пчиња во Кумановскиот Регион, како и водотеци во Охридскиот и Битолскиот Регион.
Поради заситената почва со влага има и појава на заезерување во одредени рамници и делови на Пелагонија, Полог и други, информираат од УХМР.
Метеоролозите очекуваат сите водостои кај водотеците и езерата и понатаму да бидат во покачување, а како најкритични ги посочуваат реките Вардар горен и среден тек, Треска, Лепенец, Пчиња, Крива, Црна, Радика, Сатеска и нивните притоки.
Во текот на денот дококу има појава на интензивни врнежи на југот и југоистокот, се очекува продолжен пораст на водостојот и на водотеците од овој дел на државата, и тоа реките Брегалница, Струмица, Анска, Тркајна и други.
Врнежите кои паднаа во изминативе 24 часа дополнително ги зголемија нивоата кај сите водотеци и езера низ државата. На сите хидролошки станици од националната хидролошка мрежа има пораст на водостоите.
Според Синоптичката Информација од утрово, најмногу дожд има: 48 Пожаране, 39 Тетово, 36 Виница, 34 Крушево, 26 Скопје-З.Рид, Охрид, Гевгелија, Ѓуриште, 25 Битола, 23 Д.Капија, 22 Скопје-Петровец, Прилеп, 21 Куманово, 20 Штип, Струмица, Дојран, 16 Кр.Паланка, Берово, 12 Претор.
Се очекува врнежите да продолжат, но посилен интензитет на југот и југоистокот од земјата.
Поради облините врнежи од дожд, ЈКП „Комуналец“ Гостивар претходно извести дека водата од гостиварската водоводна мрежа е загадена и не смее да се користи за пиење.