24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Создаваме европски вредности со билингвални паралелки

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска учествуваше на онлајн средба по повод билингвалните паралелки во државата, организиран од гимназијата „Орце Николов“ и Амбасадата на Франција.

Царовска се заблагодари на Француската амбасада која поддржа низа проекти креирани од наставниците и учениците со кои создадоа франкофонска мрежа од активни млади лица и идеи за подобра иднина на сите.

„Билингвалното образование се покажа досега како вистински репрезент на интеркултурализам, на учење за културата на францускиот народ, но и на пошироките европски вредности. Поддршката на ваков тип проекти е поддршка за прифаќање на глобални трендови и култури што се многу важни за развојот на новите генерации млади“, рече Царовска.

Министерката истакна дека голем број ученици од овие паралелки, низ годините, го продолжиле своето образование во најпознатите академски центри на Франција и донеле нови практики и нов пристап во креирање општествени и образовни политики.

„Имаме чест, исто така, дел од тие ученици и сега да бидат вклучени во креирањето на новите реформи за средно образование, преку анкети со кои даваат несебичен прилог да научиме и ние нешто од францускиот концепт за образование“, рече Царовска.

На вебинарот учествуваа и амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и директорот на гимназијата „Орце Николов“ Митко Димовски.