23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Вложуваме во енергетска независност и во еколошки извори на енергија

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска го отвори третиот Македонски енергетски форум, кој годинава е во организација на ЗИП Институт, а во соработка со Владата и американската амбасада.

„ Токму еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата на среден и долг рок, е вложувањата во енергетскиот сектор. Нашите заложби се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции. Дополнително, нашите заложби се постепено преминување кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија вода, сонце и ветер се со цел постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија.

Во услови на здравствено-економска криза предизвикана од КОВИД-19, покрај справување на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата во што најмногу се вложува во светот. Токму енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот.

Во таа насока ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок. Денес сакам да најавам неколку проекти на Владата во овој сегмент, како терминалот на течен природен гас во Александропулос, Грција за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори. Сите инвестиции кои ги имаме од земјите членки на Европската Унија, почнувајќи од фотоволтаици, ветерните централи, и најава за сериозни инвестиции во хидроцентралната Чебрене.

Искрено се надевам дека учеството во овие енергетски проекти ќе поттикне се повеќе сектори за развој на регионалната соработка.

Од голема важност е интерконекторот помеѓу Северна Македонија и Грција како клучен енергетски инфраструктурен објект со кој се обезбедува повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас. Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји како и надградбата на постојниот нафтовод може да ја направи Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан.

Овде може да ги дополниме идеите и за интерконекторите со Косово, Србија и помеѓу Струмица и Петрич, Бугарија.

Дополнително во чекор со нашите заложби и усогласување на регулативата со ЕУ, годинава во февруари донесен е и новиот Закон за енергетска ефикасност, кој овозможува реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетската ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто“ истакна Заев.