Скопскиот градоначалникот Петре Шилегов вели дека постојниот објект на Универзалната сала ќе се реконструира во сегашниот облик и големина, а средствата треба да се добијат од претстојниот ребаланс на буџетот, коj очекува да биде изгласан деновиве.
„Имајќи предвид дека стручната фела се изјасни дека на локацијата на Универзалната сала не е возможно да се изгради објект со поголеми димензии, мојата желба беше да се реконструира Универзалната сала во постојаната големина, а да изградиме нова концертна сала на друга локација. Во првиот дел успеавме и сакам да се заблагодарам за разбирањето на премиерот и на Министерството за култура, каде што се издвојуваат средства со ребалансот на буџетот во износ од 2 милиона евра, од каде што по носењето на ребалансот, овие средства ќе бидат префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје“, рече Шилегов.
Тој најави дека во меѓувреме ќе се вршат процени и пресметки за веднаш штом се добијат средствата да може да почнат постапките за јавни набавки и што е можно побргу да почне реконструкцијата на салата.
„Се надевам дека сите постапки ќе се одвиваат бргу за на почетокот на следната концертна сезона Универзалната сала повторно биде отворена“, истакна градоначалникот.
Додаде дека активностите нема да застанат тука и дека досега има одржано повеќе средби со министерката за култура за плановите за изградба на нова поголема концертна сала, која би ги задоволила потребите на градот.