23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Внатрепартиски избори, Форум на пензионери, црвената да биде боја на СДСМ- Заев ги најави промените во статутот

Партискиот претседател да се бира на внатрепартиски избори, целосна родова еднаквост, форумот на жени и СДММ да се воведат како трајни партиски тела, формирање Форум на пензионери, црвената станува партиска боја. Ова се дел од измените на статутот кои денеска ги најави претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев за време на обраќањето на 25. партиски Конгрес.

„СДСМ е првата партија во нашата држава која на следниот Конгрес својот претседател ќе го бира на директни внатрепартиски избори, непосредно, секој член ќе може да гласа и дирекнто да одлучува кој и како ќе ја води партијата. Првите вакви избори е планирано да се одржат веќе следната година, кога истекува мандатот на ова раководство“, рече Заев.

Со предлог измените кои денеска се пред делегатите, СДСМ воведува и родова еднаквост меѓу мажите и жените, во органите на партијата.

Заев вели дека прв пат во историјата на партијата, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија со измените се регулираат како трајни и статутарни форми на организирање, чие постоење не зависи од политичката волја на моменталното раководство. Претседателите на Форумот на жени и на СДММ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас. На сите нивоа, државно, градско и општинско. За првпат, СДСМ ќе добие и Форум на пензионери, подвлече Заев.

Статутарните измени предвидуваат и зајакнувања на капацитетите и овластувањата на Форумот на жени, Социјалдемократската младина на Македонија, Организациониот секретар, Секретарот за меѓународна соработка, како и Комисиите на партијата.

На овој Конгрес, рече Заев, СДСМ ја впишува црвената боја, како своја боја – тоа е бојата на социјалдемократијата, на победата, на левицата, бојата на слободата, бојата на животот, тоа е бојата на македонската иднина.

„Новит лик на СДСМ не се случи преку ноќ – заедно, напорно работевме сите наши членови, годините наназад и успеавме. Имаме силен СДСМ, динамичен, моќен, цврст, стабилен, прогресивен. Тоа е нашиот бренд. Цврст, моќен и прогресивен СДСМ, партија и организација која ги следи најновите европски патокази на Европската социјалистичка партија“ посочи Заев.