Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието ќе достави барање за спроведување на надзорна расправа за утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка. Пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека иницијативата е поддржана од целата опозиција – од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и Левица.
„Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека банката свесно е доведена во стечај со одлевање големи суми пари преку кредити без покритие за финансирање на фирми од Струмица блиски до семејството Заеви ги потврди и сопственикот на Еуростандард банка, кој јавно објави и дел од фирмите каде според него завршувале парите од Еуростандард банка, а кои фирми немале покритие за кредитите, односно биле банкротирани. Ова е криминал од 200 милиони евра, каде што оштетени се 100.000 граѓани. Овој криминал кој води до Струмица не смее да остане нерасчистен. За таа цел ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа, на која ќе бидат повикани сите релевантни чинители, како гувернерката на НБРМ, сопственикот на банката, оштетените штедачи, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање и ЈО“, изјави Јованчев.
Тој кажа дека мора да има одговорност за секој оној кој го довел во опасност финансискиот пазар на Република Македонија и имотот на граѓаните.
„Недозволиво е поради тоа што некој испумпувал пари или правел сомнителни трансакции сега да трпат 20.000 пензионери од руралните делови на државата кои сè уште немаат подигнато пензија, затоа што до сега примале пензија преку пошта. Дали некој се прашал како живеат, односно како преживуваат тие луѓе? И тие се нечии мајки, татковци, баби и дедо. Тоа се живи луѓе за кои државата мора да покаже грижа“, кажа пратеникот.
Според него, одговорност мора да има и затоа што 780 луѓе кои имале повеќе од 30 илјади евра во банката сега не можат да си ги земат своите пари, односно им пропаднале.