Денеска, во касарната „Илинден“ во Скопје, со присуство на највисокиот воен и државен врв, ќе се реализира воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на НАТО во Косово – КФОР.
На Свеченоста пред припадниците од контингентот ќе се обратат претседателот и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
На свеченоста ќе присуствуваат и началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, високи претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, генералите во Армијата и воените аташеи од НАТО-земјите членки акредитирани во земјава.
Во првата ротација во мисијата КФОР во Косово задачите ќе ги извршуваат вкупно 44 припадници на Армијата, составен од штабни офицери и вод за обезбедување, кои ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата и командата „Запад“.
Пред упатувањето во оваа мисија припадниците на Армијата поминаа низ потребниот процес на обука, подготовки и селекција, каде што се извежбуваа и обучуваа за изведување задачи што ги очекуваат за време на мисијата.
Припадниците на Армијата својата подготвеност, интероперативност и способност за извршување најтешки задачи веќе ги имаат докажано во досегашното 18-годишно учество во мировните мисии „Исаф“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан и мисиите „Слобода за Ирак“, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина“ и „Унифил“ во Либан.
Армијата на Република Северна Македонија како 30-та земја членка на НАТО првпат директно учествува во мисијата КФОР, а во досегашниот период учествуваше посредно преку обезбедување логистичка поддршка за НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој вршеше координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.
Активноста ќе се реализира во согласност со протоколите и преораките на Комисијата за заштита од заразни болести за бројот на учесниците, здравствено-безбедната организација и движењето, со обезбедено растојание и заштита.