Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, секретарката на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ и раководителката на Секторот за образование, Даниела Адамова денеска имаа состанок со директорите на сите 23 средни училишта на Градот. На состанокот се дискутираше за мерките што треба да се преземат во време на коранавирусот за да се обезбедат технички услови за непречено одвивање на онлајн настава која треба да започне на 1 октомври.
Директорите на средните училишта го информираа градоначалникот Шилегов како течат подготовките за почетокот на новата учебна година, а дел од нив и за проблемите со коишто се соочуваат како нестабилен интернет и мрежа, недостиг на компјутери и друга информатичка опрема.
„Во најкраток можен рок треба да проверите со какви капацитети располагате, односно човечки ресурси за да ви ја одржуваат мрежата и какви ви се интернет мрежите. Ви препорачувам да си помогнете со размена на обучен кадар, се со цел да обезбедиме квалитетна онлајн настава. Исто така, сметам дека треба да се подготвите за сите три можни сценарија, односно за онлајн настава, настава со физичко присуство и комбинирана настава“, рече Шилегов.
Тој додаде и дека работат со луѓето од Министерството за образование и наука, но во овие нови услови на живеење не може да се најде совршено решение и дека сите треба да се обидат решенијата да ги бараат за да се заштити здравјето на децата.
Шилего и директорите се договориле да се одржи уште една средба пред почетокот на учебната година.