12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Стојаноски: Во првите 100 дена владеење ќе доделиме бонус плати за лекарите кои се борат против вирусот

Заштитата на здравјето и подигнувањето на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните, ќе биде еден од нашите основни приоритети во периодот што следува, рече во обраќање Синиша Стојаноски, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1 и претседател на комисија за здравство на партијата.

„Во моментов, според сите параметри од релевантните и реномирани европски и светски институции, сме оценети како земја која што се уште се води како ризична зона во однос на исходот од справувањето со корона кризата“, додаде тој.

Нагласи и дека постои голема веројатност за нов бран на Ковид-19 кој што се очекува од месец септември.

„ВМРО-ДПМНЕ со Преодната стратегија за првите 100 дена влада, се обврзува на зајакнување на капацитетите на јавното здравство. Државата и граѓаните никогаш повеќе нема да се соочат со хаосот во секторот на здравство. Во првите 100 дена ќе формираме национално координативно тело за здравствена дејност, како и целосно нов концепт за функционирање на болниците. Ќе се зајакнат целокупните болнички капацитети, со акцент особено на инфективните одделенија во земјата, во насока на тоа да го дочекаме подготвени новиот потенцијален пик на корона вирусот. Предвидуваме комплетно спроведување на дигитализација и аплицирање на концептот Е-здравство, односно здравство без хартија“, порача претставникот на партијата.

Стојаноски рече и дека ќе биде имплементирана целосно нова методологија за тестирање, која ќе опфати тестирање на критични точки, со мобилни тимови на терен, тестирање по случаен примерок, серолошки тестови за откривање на граѓани кои стекнале имунитет на вирусот, како и зголемено широко тестирање на контактите на заболените со Ковид 19.

„Со цел зајакнување на капацитетите на јавното здравство, планираме вклучување на младите лекари и специјализанти во борбата против Ковид 19. Во првите 100 дена сите здравствени работници ќе добијат еднократна надокнада од 50% од нивниот личен доход, како награда за справување со корона кризата. Исто така во првите 100 дена вработените на Инфективна клиника и ГОБ ‘Осми септември’ ќе добијат дополнително една плата како бонус за натчовечките напори кои ги вложуваат во борбата со вирусот.
Награда за својот труд ќе добијат и вработените во МВР, кои неуморно се бореа во справување со последиците од кризата со вирусот“, кажа тој.

Додаде дека ќе бидат повикани и искусни тимови од странство, кои врз база на своето успешно искуство во справување со коронавирусот, ќе помогнат во справувањето со кризата и кај нас.

Спонзорирано: