Секогаш во средиштето на збиднувањата...

РКЕ ја усогласи новата цена на екстра лесното масло за греење

фото Pixabay

Регулаторната комисија за енергетика на седница донесе одлука за малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (Ел-1) со што изврши усогласување со објавената измена на уредбата со законска сила со која акцизата на маслото за греење се изедначува со акцизата на маслото кое се користи како погонско гориво.

Со одлуката, малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (Ел-1) ќе изнесува 51,5 денари за литар.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги од самиот почеток кога се отвори дебатата за акцизите е со јасен недвосмислен став дека е неопходно да се изедначи акцизата на екстра лесното масло за греење, односно таканаречената црвена нафта, со дизелот за да се заштити животната средина. Нашите анализи покажуваат дека ова гориво се користи во драстично поголеми количини од реалната потреба, што, пак, е показател дека поради пониската цена, горивото, иако е со намена да се користи за греење, се злоупотребува и се користи за транспорт, со што се создава нелојална конкуренција, а и помалку пари се слеваат во буџетот“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Според структурата во потрошувачката на нафтените деривати на домашниот пазар во 2019 година, дизел-горивата учествуваат со 68,50%, безоловните бензини се со учество од 11,02 %, мазутот е со 7,70 % и течниот нафтен гас со 7,80%. Потоа следуваат екстра лесното масло (ЕЛ-1) со 4,73 %, биогоривото со 0,19% и млазното гориво со 0,06 %.

Во 2019 година во продажба се евидентирани над 40.000 тони екстра лесно масло за гориво.