23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Свечена седница на Управниот одбор на Домот на култура „Илинден“, Демир Хисар

На денешен ден, точно пред 60 години, поточно, на 27 февруари 1960 год., со Одлука на Општинскиот Собор и Соборот на производителите на Народниот одбор на Општина Демир Хисар, под претседателство на Соколе Поповски, донесено е Решение за формирање на Дом на култура „Илинден“, Демир Хисар.

По повод 60 годишнината од основањето на Домот на културата „Илинден“, Демир Хисар, денес, во конференциската сала во СОУ „Крсте П. Мисирков“, се одржа свечена седница на Управниот одбор.

Седницата ја отвори и ја водеше согласно утврдено сценарио како што носи редот и програмата, претседателот на Управниот одбор, Даниел Јанкуловски.

Пригодно, а воедно и поздравно обраќање имаше директорот на Домот на културата, Зоран Котевски, кој истакна дека Демир Хисар има навистина со што да се гордее, бидејќи Домот како институција е една од најстарите институции од областа на културата со библиотека со голем број на наслови и книги, со КУД „Илинден“ со околу 150 членови, со еден од најдобрите оркестри, како и со еден од најактивните литературни клубови ширум земјата.

– Со гордост можам да се пофалам дека имаме еден од најрепрезентативните објекти, а доказ се амбасадори, градоначалници, уметници, стручни лица кои го посетиле, нагласи Котевски.

Претседателот на Советот на Општина Демир Хисар, Благоја Станојоски, во своето обраќање пред присутните рече дека одбележувањето на овој значаен јубилеј за развојот на културата на ова македонско поднебје, се вклопува во уште еден поголем јубилеј, исто така, важен за опстојбата на нашава општина, а тоа е 75 годишнината од озаконувањето на Демир Хисар како засебна административна целина – Демирхисарска околија.

– Во годинава што е пред нас, очекуваме овој и останатите јубилеи да бидат на достоен и репрезентативен начин одбележани преку многубројни културни настани и пригодни свечености, а при донесувањето на годишната програма за одбележување значајни годишнини од настани и личности, Советот на Општина Демир Хисар, се обврзува дека ќе ги поддржи, и посредно, преку соодветната Комисија, ќе обезбеди и адекватно учество во организацијата, рече Станојоски.

Свое пригодно обраќање и говор на официјалниот дел од свечената седница имаше и градоначалникот Стојановски, кој ја поздрави работата на Управниот одбор и истакна дека јубилеите се можност да се слави минатото, но и да се трасира патот на иднината, да добиеме претстава, во која насока се движиме, но и да се потсетиме на личностите и настаните што децении пред нас трасирале развојни видици во сите области на општеството, вклучувајќи ја и културата како најголема шанса за препознавање на универзалните вредности на човештвото.

„Денешново почетно чествување на големиот јубилеј треба да се сфати, доживее и воздигне како голема нужна потреба од организирање културен живот на овие простори, но и потреба од изразување на јавна благодарност и признание на сите културни креатори за се што сториле во изминативе шест децении во поттикнувањето, афирмирањето, креирањето и зачувувањето на културните вредности и особености на Демир Хисар.

Ви го честитам јубилејот со искрена желба, да го следат примерот на претходниците, да создаваат и постигнуваат нови културни дострели.
Со споменот за нив и со делата Ваши, културата во Демир Хисар ќе проникне во ново општествено поле“, истакна Стојановски.

Со обраќањето на градоначалникот, заврши и протоколарниот и службен дел на денешната свечена седница.

Во чест на големиот 6 децениски јубилеј, сите активности на Домот на културата во тековната година ќе се одржуваат во знакот на одбележувањето на овој јубилеј, а кон средината на годината ќе се одржи централна свечена академија.

Деновиве, во координација со Советот и Градоначалникот, на засебна седница Управниот одбор ќе донесе посебна Одлука за доделување за јубилејни признанија за првиот директор, првиот кино – апаратер, првиот библиотекар, пензионираните работници, поранешни работници, како и соработниците што дале особен придонес во развојот на културата во изминативе 60 години.

Спонзорирано: