25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров и Папандреу разговараа за Договорот од Преспа

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во Скопје оствари средба со Јоргос Папандреу, поранешен грчки премиер и актуелен претседател на Социјалистичка интернационала.Посетата на Папандреу на Скопје е во рамките на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан, со цел поддршка и зајакнување на евроинтегративниот процес на земјите од регионот.

Соговорниците го потенцираа историското значење на Договорот од Преспа со кој се потврдуваат заложбите за градење добрососедство, инклузивна соработка и конструктивни меѓусебни односи.

„Северна Македонија е вистински посветена на конструктивен дијалог со грчката влада во градењето на меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во кој граѓаните на двете држави би сакале да живеат“, рече Димитров.

Договорот има значително позитивно влијание врз билатералните и регионалните случувања во однос на зголемена економија, стабилност и просперитет. Неговото понатамошно спроведување се смета за голем чекор во нормализацијата на билатералните односи што ќе им овозможи на двете држави да го искористат целиот потенцијал на политичката и економската соработка“, додаде тој.

Министерот Димитров ја истакна посветеноста и заложбите на „пријателска Грција за остварување на европските и евро-атлантските перспективи на Северна Македонија и уште еднаш укажа благодарност за грчката поддршка на последниот ЕУ Самит во Брисел и континуираните напори за отпочнување пристапни преговори со Европската Унија“.