Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто за ТВ Клан се осврна и на состојбата во правосудниот систем аргументирајќи дека правната држава ќе се воспостави колку и да се противи ВМРО ДПМНЕ.
„Многумина до сега ми забележале дека малкумина се затворени од обвинетите во предметите од нелегалното прислушување, но јас им одговарам дека тоа е така затоа што јас не се јавувам кај ниту еден судија или обвинител, јас не вршам притисок врз нивната работа, оставам тоа да се заврши низ институциите во легална и независна постапка. Јас сакам законот да важи за сите подеднакво. Да беше некоја друга власт предметот „Рекет“ никогаш немаше да се открие, а во случајов јас пријавив, и еве предметот оди кон пресуда“- изјави Заев.
Во врска со Законот за јавно обвинителство Заев објасни дека е финиш на целиот процес за реформа во правосудсниот систем.
„Ние направивме се за да воспоставиме функционален систем, донесовме закон за антикорупција и формиравме независна комисија, имаме закон за судови и закон за судски совет, пакет на закони од управното право и уште многу други решенија. И сега кога стигнавме до законот за јавно обвинителство ВМРО ДПМНЕ ни го блокира. Верувам сепак дека ќе го донесеме, не знам со колкав број на пратеници иако е најдобро со 120, но уверен сум дека наскоро ќе имаме нов закон“- рече Заев.