23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Премиерот Спасовски: Како покровител на Националниот ден на Србите во Северна Македонија Владата ја манифестира искрената грижа за оваа, како и за другите заедници во земјата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, вечерва се обрати на Свечената академија посветена на Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија – празникот „Свети Сава“, која се одржа во МНТ под покровителство на Владата на Република Северна Македонија.

На свечената академија, покрај претставниците на српската заедница во земјата, присуствуваа и гости од Република Србија и Босна и Херцеговина, меѓу кои и генералниот секретар на претседателот на Република Србија, Никола Селаковиќ, и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Во продолжение, ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на премиерот Оливер Спасовски:

„Ми претставува особена чест што ми е дадена можност да се обратам на овој настан, чиј покровител е Владата на Република Северна Македонија, посветен на одбележување на националниот ден на Србите во Република Северна Македонија, како дел од програмата „Денови на Свети Сава“, во чии рамки е и оваа свечена академија посветена на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава.

На сите наши сограѓани од српската заедница во Северна Македонија, како и на гостите од Република Србија и Босна и Херцеговина, најсрдечно им го честитам празникот, со желба овие честитки, во мое име и во име на Владата и народот на Северна Македонија да им бидат пренесени и на граѓаните на нивните земји.

Честа што ми припадна да се обратам вечерва не е само заради тоа што имам прилика да се обратам пред припадниците на српската заедница во Северна Македонија, како и пред угледните гости на оваа свеченост, туку и заради тоа што делото на Свети Сава инспирира и осум века после неговата смрт.

Биографијата на овој свет човек и духовник и неговите државнички активности, како и активностите како светител, оставиле длабоки и исклучително значајни траги и ја потврдуваат неговата големина: Свети Сава е втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ и основач на царската лавра во манастирот Хиландар на Света Гора Атоска. Тој е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска. Свети Сава е молитвен застапник на сите кои преку него побарале помош од Бога, посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи.

На овие негови вредности, овој свет човек повикува и денес. Неговите пораки се толку силни и толку потребни и во денешно време. Затоа е многу важно кога го славиме и кога повикуваме на практикување на неговото дело и самите да бидеме пример и да ги применуваме неговите големи пораки.

Со еден збор, може да се каже дека Свети Сава е духовник на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост го креираат својот личен карактер, а со тоа и карактерот на народот на кој му припаѓаат.

И не само на српскиот народ.

Неговото дело, и особено неговата саможртва да се откаже од земските блага и права кои му припаѓаа по род, и да го прифати православното христијанство и Христос како негов личен живот, определба и делување, направија Свети Сава да им припаѓа на сите Христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат. Затоа што тој така им приоѓаше на сите – како кон свои браќа, а не како странец кон странци.

Затоа кога велиме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба, определбата на граѓаните на Република Северна Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите.

Граѓанско општество, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики – токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво.

Во таа насока се и грижата и политиките што Владата на Северна Македонија ги креира и спроведува за заедницата на Србите во нашата земја. Српскиот јазик е службен јазик во општините Куманово и Старо Нагоричане.

Владата лани донесе одлука да се изучува српскиот јазик како факултативен јазик во основните училишта. Тимот што работеше на програмата за изучување на српскиот јазик ја заврши работата и таа е предадена на натамошна постапка во Бирото за образование. Се работи и веќе е при крај е и програмата за четврто одделение во основно образование.

Тоа се постапки и дела на оваа влада кои претходно не беа познати.

Во општината Центар во Скопје, во тек е расправата на деталниот урбанистички план во кој се предвидени објекти за современ културен центар за српската заедница и ново училиште кое предвидува паралелки во кои ќе се учи на српски јазик согласно образованите програми што се подготвуваат.

За кратко време ќе биде пуштена јавна анкета и за мал ринг каде ќе се наоѓа новата амбасада на Република Србија и уште еден простор за промоција и афирмација на културните традиции на Србите во Северна Македонија.

Така се гради заедништвото денес: Со почит кон традициите на сите.

Во тоа наше заедништво што се градеше со векови, со свој значаен придонес учествува и српската заедница во Северна Македонија, која тоа го прави угледувајќи се на големиот светител Свети Сава.

Овој свет човек ги пренесувал вредностите на православното христијанство во сите земји во кои престојувал и меѓу сите народи со кои се среќавал. Оставил длабоки траги и затоа ден-денеска во голем број православни земји се слави неговото име и светост, и се посветени и изградени црковни храмови и манастири во негова чест.

Во историјата на човештвото ретки се таквите подвизи каков што е подвигот на Свети Сава.

Тој беше убеден дека човекот само како личност со чиста душа е подготвен да ги остварува земските подвизи за доброто на сите и да управува доблесно според земските закони.

Заради тоа, од длабочината на неговата вера и ревносна посветеност на православниот христијански етос и подвиг, доаѓаат и неговите бележити и вековити остварувања во државничките и правните работи, во дипломатијата, неговото наследство во образованието, во медицината.

Бесмртното дело на духовникот и светителот Свети Сава, е темелот на кој се издига традицијата, културата и вредностите на народот на кој му припаѓа и кој со право го прифати и слави како духовен родител.

Уште еднаш најсрдечно упатувам честитки по повод националниот ден на Србите во Република Северна Македонија, и нека бидат вечни името и славата на Свети Сава, под чие духовно покровителство се одбележува денешниот ден.

Меѓутоа, нека биде порака до сите во Република Северна Македонија, до сите заедници посебно до српската заедница, овие вредности да ги споделуваме на дело и преку заедништво и правдољубие да ја градиме заедно Република Северна Македонија“.

Спонзорирано: