24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Празникот Водици годинава нека биде симбол за обновата на Република МакедонијаО

Христијанските вредности, љубовта, добрината, хуманоста и проштевањето нека ни бидат ѕвезда водилка во нашите животи, истакнува во својата честитка по повод православниот празник Богојавление – Водици, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој честитката ја упатува до Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и до сите православни христијани.

„Денешниот голем празник е симбол на новиот почеток и духовното раѓање, пример за сите верници христијани за патот по кој тие треба да чекорат. Шансата значи нов почеток, оваа година, овој празник нека е симбол за обновата на Република Македонија, која насушно е потребна“, посочува претседателот на опозициската партија.

Како што вели тој, треба да завршат времињата кога граѓаните се оставани на страна, кога политичарите се ставаат над интересите на државата и кога политиката ја има во секоја пора од општеството, делејќи го народот и создавајќи конфликти.

„Сите заедно сплотени, обединети во традиционалните вредности да си ја обновиме државата, да ја кренеме главата гордо високо и да им ставиме крај на поразите. На државата и е потребна работа и проекти, раст и напредок, да си ја вратиме назад националната гордост“, стои во честитката на Мицкоски во која тој посакува многу здравје, радост, среќа и бериќет за сите граѓани.