23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Не можам да ветам алпски воздух, но ветувам 50 отсто почист воздух

Уште само 13 дена Заев е премиер и никогаш повеќе, тоа значи почитувани браќа и сестри еден чекор кон целта, а конечниот крај на оваа власт, што ќе значи победа на народот доаѓа за од три и пол месеци од денеска. Доаѓа победата на народот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот собир на партијата – „Обновата доаѓа“, што се одржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.

„Ги издржавме три години, со штета која ја направија за триста години, ќе ги издржиме уште три и пол месеци. И одговорот следи на 12-ти април, а јас знам каков ќе биде. И некој ќе рече како си толку сигурен. Сигурен сум затоа што не се само анкетите, јас си го знам мојот народ, јас верувам во мојот народ и знам што сака тој. Мојот народ е горд и достоинствен со крената глава и големо срце. И ќе ви кажам, проблемите немаат ниту вера ниту нација, тие се заеднички затоа што тешкиот живот е заеднички. Има страшна подвоеност, една застрашувачка одлепеност на власта од реалноста.

И знаат дека државата е влезена во слепа улица, толку е слепа и тесна што и не може да се заврти автомобилот со кој управуваат. И тоа сакаат да го сокријат. Ако нешто видовме во овој период е тоа дека не им е тешко да излажат. Бидејќи реалноста не ја менуваат, тогаш даваат фантазија платена со многу пари, ваши пари.

Секој човек добро знае зошто се рекламираат и фрлаат во етерот стотици илјади евра за спотови со лажна содржина. И да не се залажуваме, пари имаат, било да се рекетирани, криминални или лажни, пари имаат. Ама работата е што не се нивни, тоа се ваши пари во нивните раце, заработени без мака и пот, заработени на вашиот грб, на грбот на народот. И фрлаат пари на спотови затоа што не им оди работата, затоа што ги има фатено таква паника од пораз што можеби еден ден ќе го видиме Зоран Заев со прочуената Луи Витон ташна како дели пари. Но не заборавајте сигурно тие пари ќе бидат лажни, затоа што не му се дава од парите од купот кој го направи овие години заедно со неговото семејство. И кога ќе бидат разобличени, ќе удрат со боксови по народот. А, Трнодол пред некој ден не е така далечен пример.

Ете ги тие прочуени европски вредности во кои Заев не убедуваше. Секоја негова политика доживеа болно разобличување. Се сеќавате само колку лаги истураше дека сите други биле антизападни, а тој демек бил Европеец. Ете гледаме колку е Европеец што Македонија уште е заглавена во корупција и криминал, а датум за преговори се уште нема.

Секоја година, три години по ред ги прогласува за економски години, и три години економијата тоне уште повеќе. Европската Унија е надеж, но Европската Унија мораме да ја заслужиме со работа, а не да чекаме како Заев што чека, да не наградат затоа што сме го продале идентитетот и така да мислиме дека ЕУ ќе не толерира, ќе го толерира криминалот на Заеви, „Рекет 1“, „Рекет 2“ и уште колку ли продолженија од серијалот „Рекет“ ќе слушаме, ќе толерира вирус, криминални уништувања на инсулин, кеш исплати за СЈО, сведоштва за превземени бизниси, криминални испумпувања преку фиктивни фирми и тајкуни како што е случајот со „ТЕТО“. Ќе толерира пратеници со психотропни супстанци, градоначалник насилник и што ли уште не, само поради тоа што Заев го смени името. И овие случаи се повеќето без истрага, а камоли обвинителен акт. И уште пострашно, овие се во рацете на корумпирани судии и обвинители, под контрола на власта.

И не е суштината да се збори постојано за ветингот, затоа што поважно од него е да се тргне од причината поради која ни треба ветинг, а тоа да се тргнат рацете на политиката од судството. Затоа што на секој тргнат судија, или обвинител ќе го имате повторно Зоран Заев кој ќе најде нови слуги, нова Катица, нова Русковска, нова Кацарска. Затоа почитувани, време е да се тргне Заев од местото премиер и да направиме систем. И ако мисли Зоран Заев дека ЕУ ќе го толерира сето ова само затоа што го смени идентитетот, тука се излажал.

Политиката е многу повеќе од раката ставена на срце, од таа насмевка на незнаење и глумење наивност во која што веќе никој не верува. И секако оние шеги кој никој не ги разбира, се сеќавате за душата, срцето и петата, па и неговите изјави дека со сила можеш да му дадеш, ама не можеш да му земеш, дека Турците се бореле против Османлиите, па тој Заевизам заразно пренесен кај другите од раководството во неговата партија, дека Борис Сарафов откако умрел го убил Ѓорче Петров, па до тоа дека треба да сме горди што знамето на Сојузната држава Аризона се веело на опашката на авионот на силите на САД, ама сме требале да мислиме дека е македонското знаме. Па до оние моменти на вистинското лице на власта каде на народот му порачуваат „никад да не не гласаш”, епа нема да ве гласаат на 12-ти април. Тоа што си посакавте, тоа и ќе ви испорача народот. Нема да ве гласа на 12-ти април. Па се до чесната и напатена жена тетка Перса од Волково, која на лицемерот во очи го посипа со реалноста дека условите за живот се како во 15-ти век, наспроти убедувањата на власта дека има асфалтирана улица, случка која што потсетува на онаа прераскажаната од времето на Тодор Живков „оваа дупка не е дупка”.

Сето ова говори кои луѓе ни ја водат државата и на се што се подготвени да сторат. Но и дека работите мора да се сменат, и тука има една апсолутна вистина, а тоа е за да работите се сменат почитувани од нас зависи, само од нас. Ние сме тие кои се господари на својата судбина. И никој друг. Од нас зависи. Сетете се на песната на почетокот од овој собир: Едно место, едно парче земја на југ, може за тебе да биде рај.

Ова е нашиот рај, ова е нашиот дом, верувале или не, ова е она за кое што треба да се погине и се вика Македонија. Тој рај зависи само од нас. Од нас зависи тој рај и од ништо друго.

Не сакам и нема да дозволам моето име да се поистоветува со луѓе кои го изневериле народот. Ќе видите. Давам збор пред вас овде дека ќе биде поинаку, подобро, затоа што може подобро, вие заслужувате повеќе, а Македонија заслужува подобро.

Ќе донесам правда. Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кои се таму само затоа што ја сакаат Македонија, да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои не се појавуваат во општеството како криминалци туку како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Не браќа и сестри, тоа не може веќе така. Доста е. Нема малку или многу правда. Таа е апсолутна, таа е единствена и безмилосна. Правдата значи и одговорност, одговорност за секој направен престап, за секое огрешување кон законите и посрамување пред граѓаните. И тоа мора да го знаат сите функционери сега од оваа власт на Зоран Заев, Заевова власт. Но, да потсетам треба да знае и самиот Зоран Заев и тука амнестија не му помага. Но тоа треба да го знаат и сите идни функционери во новата влада на ВМРО ДПМНЕ.

Нам ни требаат принципи. Јас верувам во принципи. Принципите се правила кои не дефинираат. Кои не разликуваат од другите. И знам дека сите вие мислите дека политиката е непринципиелна работа, а ова ваше мислење е такво зошто влечете искуство од сите претходни 29 години независност. Јас ќе ви кажам дека во политиката има принципи иако политиката до сега во Македонија не беше таква. И ние заедно со тие принципи ќе ги донесеме, воведеме и зацврстиме принципите во Македонија. Не смее некој да има приоритет, а способните, вредните и најквалитетните да бидат на дното на листите на приоритети. Најквалитетните на врвот на листата на приоритети. Принципи! Не смее повеќе на политиката да се гледа како извор на богатење, затоа ќе донесеме закон за испитување на потекло на имотот на функционерите и нивните семејства. Да видиме кој се збогатил со труд, а кој со крадење, а украденото оди назад кај граѓаните.

Принципите значат и замена на политиката на ниски страсти во политика на дела. Законот за јазици не го прави автопатот кон Блаце, или канализацијата во Арачиново, прогонот на Заев не ги стави вистинските криминалци зад решетки, еврооптимизмот на власта не ја донесе земјата во ЕУ, затоа што за сето ова треба работа. А, ЕУ значи принципи, а патот до таму значи работа, напорна работа кон која се обврзувам. И знам дека го одбираме потешкиот, но верувајте тоа е вистинскиот пат.

Мора да има промени. Промени во секој поглед. Промени на власта, за да дојдеме до промени во економијата, образованието, земјоделието, здравството. Промени во културата, начинот на размислување, промени на сликата за политичарот во Македонија. Потребни се и промени на работите кои ги погрешија, но и на решенијата кои ги наметнаа. Реалноста не може да се игнорира, но тоа не значи дека не може да се промени.

Ви ветувам дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 4 годишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на нашата мила Македонија во вредност од не помалку од 2 милијарди евра. Тоа јас ви го ветувам. Реализирани проекти. Не бројки на хартија. Реализирани, осмислени и испорачани проекти. За економија со брз раст, за сигурна иднина на нашите граѓани. Се обврзувам и ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во својот мандат ќе испорача проекти во вредност преку странски инвестиции, домашни инвестиции, во вредност не помала од 4 милијарди евра. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во својот 4 годишен мандат ќе вложи не помалку од 1 милијарда евра за заштита на животната средина, да ни дишат најмилите чист воздух. Проекти во енергетската ефикасност и брза експресна гасификација на Македонија. Проекти во вредност од не помала од една милијарда евра.

И не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух. Тоа е невозможно. Но можам да ви ветам најмалку 50-тина проценти почист, амбиентален воздух за македонските граѓани. За граѓаните на Македонија.

Инвестиции во образованието за најмладите од претшколска возраст. За студентите, реновирани студентски домови. Најмалку еден универзитет на Шангајската ранг листа. Во вредност од не помалку од една милијарда евра во образованието.

Не криминални тендери во здравството, не криминални тендери за нови замислени клинички центри. Нови болници и реновирани амбуланти, клинички центри според потребите на граѓаните, повеќе од две милијарди евра во еден мандат. Инвестиција во здравството и во медицинскиот кадар. Да не ги полниме клиниките во Европа и во светот со нашите доктори. Тука да останат во Македонија и да ги лекуваат македонските граѓани.

За земјоделците подготвуваме специјален пакет, редовна исплата на субвенциите, а не редици еднаш годишно. Загарантиран откуп се што е во моќта на владата, ќе сториме за загарантираниот откуп да стане реалност за земјоделците. Неколку стотици милиони евра, инвестиција во земјоделието за поддршка на земјоделците кои што ја хранат Македонија, а од плодот кој што го раѓаат нашите ниви ја хранат и Европа и светот.

За пензионерите враќање на стариот модел каде што два пати годишно растеа пензиите. Раст на пензиите според трошоците за живот и порастот на просечната плата во Македонија два пати годишно. За бизнис заедницата, за оние коишто денеска се жртва на рекетот, притисоците, уцените и заканите на најбогатото семејство на Балканот кое што уште неколку месеци ќе биде власт во Македонија.

Враќање на рамниот данок и сукцесивно намалување по половина процент секоја година повеќе од милијарда денари назад во бизнисот, па повелете инвестирајте за развој на Македонија и развој на вашиот бизнис. Вработувајте луѓе во нас ќе имате пријатели, никој нема да ве уценува, никој нема да ве рекетира секој таков случај, мојот телефон ви стои на располагање. Пријавете го за неправдата. Нема компромис колку и да е близок, колку и да бил тој човек со мене. Ослободете се , инвестирајте, креирајте работни места за овој народ, за македонскиот народ и граѓаните на Македонија.

Спортот и културата како државен проект, да се радуваме во оваа сала повторно на големините на ракометните имиња, на европскиот шампион, ракометниот клуб „Вардар“ од Скопје. Да се радуваме на успесите на женскиот ракометен првак повторно „Кометал Ѓорче Петров“. Да се радуваме на одбраните на министерот за одбрана, Борко Ристовски. Да се радуваме на головите на проектилот Кирил Лазаров. Да се радуваме заедно за успесите на кошаркарската репрезентација како што тоа ни го приреди на европското првенство во Литванија, се сеќавате ли височините беа прениски за нив. Не постоеше кошаркарска велесила која што не беше совлада.