Владата и надлежните институции молчат после вчерашната прес-конференција на која јавно обзнанивме дека постојат индиции дека се уништени 1,2 тони инсулин од кои огромен дел, односно половина тон биле со валиден рок, обвини денеска Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се работи за уништување на инсулин чиј рок истекува дури после половина година и чија вредност е 1,5 милиони евра. Нивниот молк гласно потврдува дека употребливиот инсулин наместо кај пациентите завршил уништен на 5 декември пред два дена, иако вредноста според пазарните цени му изнесува 1,5 милиони евра. Ова само ги потврдува сомнежите дека здравствените власти веќе набавен и платен со народни пари инсулин, со валиден рок на употреба од светски познат производител го уништиле за да создаде основа за распишување на нов тендер“, истакна претставничката на опозициската партија.
Андоновска кажа дека за ваквиот скандал постојат и документи.
„До нас беа доставени соодветни документи без било каква назнака за доверливост, во кои се содржани сите овие информации и кои бараме Министерството за здравство да ги потврди или негира. Од документите со кои располагаме јасно се гледа дека половина тон од инсулинот кој е уништен има валиден рок до средината на наредната година. Со право се сомневаме дека ако се потврди ова уништување на инсулин вреден 1,5 милиони евра тогаш целта е создавање на вештачка криза која потоа ќе биде менаџирана со брз увоз од страна на фирма блиска до власта“, нагласи таа и додаде дека во ВМРО-ДПМНЕ се сериозно загрижени дека ова е нова милионска афера повторно поврзана со работата на министерот Венко Филипче.