23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Дескоска на средба со генералниот секретар на Советот на Европа

Во текот на вчерашниот ден во Стразбур министерката за правда Рената Дескоска оствари официјална средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ.

На средбата министерката за правда во име на Владата го потпиша Протоколот за измена на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци (CETS бр.223). Потпишувањето е историски момент за Северна Македонија, бидејќи за првпат се потпишува конвенција во Советот на Европа под новото име, директно, без размена на писма.

Република Северна Македонија е 37. земја потписничка на протоколот со кој се врши модернизација на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци (ETS 108) и на дополнителниот протокол кон Конвенцијата за заштита на поединците во поглед на автоматска обработка на лични податоци, во врска со надзорните тела и прекуграничниот пренос на податоци (ETS No.181), како и зајакнување на нивната примена.

Со модернизацијата на Конвенцијата 108 од 1981 година, нејзините оригинални принципи беа реафирмирани, некои се зајакнати, но утврдени се и нови заштитни мерки: Тие треба да се применуваат на новaта реалност на онлајн светот, а новите практики доведоа до признавање на нови принципи во областа. Принципите на транспарентност, пропорционалност, одговорност, минимизирање на податоците, приватност по дизајн, итн. сега се признати како клучни елементи на механизмот за заштита и се интегрирани во модернизираниот инструмент.

Имајќи ги предвид новите предизвици за заштитата на лицата во однос на обработката на личните податоци, како и фактот дека целта на модернизацијата која се врши со Протоколот е што подобро да се реагира на предизвиците во областа на приватноста кои произлегуваат од зголемената употреба на новите информациско/информатички технологии и глобализацијата во однос на обработката на личните податоци, се оцени дека е целисходно и од интерес за Република Северна Македонија да се пристапи кон потпишувањето на Протоколот за измена на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци (CETS 223), соопшти Министерството за правда.