Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Џафери се сретна со сенаторот Јоан-Кристиан Киртеш

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со сенаторот Јоан-Кристиан Киртеш, претседател на групата за пријателство со Република Северна Македонија во парламентот на Романија. Претседателот Џафери ѝ се заблагодари на Романија за големата поддршка што ѝ ја даде на нашата земја за време на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и за време на романското претседавање со Советот на ЕУ кога лобира Република Северна Македонија да стане дел од ЕУ.

Во продолжение говореше за актуелната состојба во Република Северна Македонија во однос на интеграцискиот процес, при што нагласи дека и покрај недобивањето датум за преговори, има верба во кредибилитетот на Унијата и капацитетот на Советот да го препознае моментот и да даде зелено светло за почнување на преговорите. На билатерален план беше потенцирано дека Собранието на Република Северна Македонија и во иднина ќе ги негува пријателските врски со парламентот на Романија, особено преку интензивирање на меѓупарламентарната соработка, како и на ниво на пратенички групи за соработка со парламенти на одделни држави. Паралелно, покрај зацврстувањето и интензивирањето на парламентарната соработка, претседателот Џафери истакна дека двете држави треба да вложат поголеми напори на зајакнување на економската соработка, туризмот и трговската размена како значајни сегменти на општественото живеење.

Сенаторот Киртеш изрази големо задоволство за оваа реализирана средба, при што ги пренесе уверувањата на највисокото државно романско раководство за натамошна поддршка на европската и евро-атлантската интеграција на Република Северна Македонија. Посочи дека Романија и понатаму силно ќе бара од земјите членки на ЕУ итна интеграција на Република Северна Македонија во европското семејство, каде што и припаѓа. Секако дека за него компромисните договори со соседните земји, со кои се стави крај на отворените прашања, се огромен прилог за позитивен исход на овој процес.

Сенаторот Киртеш ја искористи ова пригода да му упати покана на претседателот Џафери да оствари посета во парламентот на Романија со цел продлабочување на соработката помеѓу двете институции.