Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Градоначалник Анастасов: Од задолжена и блокирана општина, Пробиштип сега реализира капитални проекти во инфраструктурата

Пред 2 години, ја затекнав општината Пробиштип со долг од 2 реални буџети, и досега вративме 80 милиони денари, а поради огромниот долг реализиравме многу проекти по пат на донации, истакна на трибината под мотото „На прав пат“градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов

Исплатен е долгот од 55 илјади евра за пожарникарите, рече Анастасов, додавајќи дека идната година ќе се набави нова опрема за противпожарната станица.

Тој најави дека со изградба на клучката до експресниот пат наскоро од Пробиштип до Скопје ќе се патува за 45-50 минути. Анастасов соопшти дека во изминатите две години се реконструирани низа улици во Пробиштип, но и во општината.

Со изградба на пет занимални во градинката во центарот на Пробиштип целосно ќе го решиме прашањето со згрижување на предучилишните деца во градинка, а веќе во градинка е преадаптиран дел од ОУ Никола Карев, во населбата Калниште, за да може таму да се згрижат децата, рече Анастасов.

Со донација од 600 илјади евра од владата и уште толку од Словенија, Пробиштип повеќе нема проблем со водоснабдувањето и обезбеди техничка вода за претпријатијата, рече Анастасов, додавајќи дека во тек е реконструкција на кино салата, односно културниот дом.

Крилото на здравствениот дом Нада Михајлова, кое не е во функција, го адаптираме во државен дом за стари лица, со мала партиципација за сите граѓани на државата, истакна Анастасов, најавувајќи дека во здравствениот дом Нада Михајова ќе се смени системот на греење и ќе биде прва јавна институција со греење на гас.

Од проектите за заштита на животната средина Анастасов, го најави рекултивирањето на старата јаловишна депонија, на која ќе се изградат фотоволтаични системи и Пробиштип ќе бидеме прв кој најголемото жариште за болести, ќе го претвори во можност за приход.

За заштита на животната средина општината субвенционира 100 семејства за клима уреди, но и врши контрола на сите претпријатија и рудникот, колку загадуваат истакна на трибината под мотото „На прав пат“градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов.