24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерството за одбрана: По 16 години, набавени нови инженерски машини

Инженерскиот баталјон на Армијата доби нови и најсовремени машини. Од Министерството за одбрана информираат дека вакви машини се набавени првпат по 16 години.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска изврши увид во новите инженерски машини, кои пристигнаа во Инженерискиот баталјон.

„Кога се случуваа разни природни катастрофи, Армијата беше присутна на терен со луѓе, но требаше да биде присутна и со конкретна опрема. Кога го почнував мандатот како министер за одбрана, првата информација што ја добив е дека целата инженерска единица е оставена практично без ниту едно возило, без ниту една функционална машина. Благодарение на многу труд од страна на Генералштабот, од страна на Министерството успеавме за релативно кусо време првин да ги обезбедиме парите, потоа да завршиме набавка и денеска да видиме дека сите тие ветувања не биле ветувања на збор, туку дека тие покажуваат резултати“, рече министерката Шекеринска и додаде дека со набавката на десетте типови машини овој баталјон во целост ќе биде опремен.

Министерката посочи дека со зголемувањето на средствата за одбраната, таа се помрдна од мртвата точка – платите се зголемени, надоместоците се зголемени, заштитата е зголемена, во делот на модернизацијата резултатите се видливи.

„Армија без опрема, армија без модернизација не може да ги даде посакуваните резултати. Ние покажуваме дека го заслуживме членството во НАТО и дека тоа членство во НАТО го поврзуваме со подобри услови за работа, помотивирани припадници, меѓутоа и со опрема што личи за овој век и за алијансата“, истакна министерката во Инженерскиот баталјон.

Командантот на Инженерскиот баталјон, потполковникот Арбен Јакупи, посочи дека со овие машини значително се влијае на подготвеноста на единицата при целосна поддршка на граѓаните, како и при учеството во меѓународните вежби.

Јакупи рече дека со набавката на новите машини баталјонот ќе биде уште поактивен и ќе покаже уште подобри резултати.
Пристигнати се првите пет од вкупно петнаесет машини за потребите на Армијата. Вкупната набавка е во вредност од 138 милиони евра, а другите машини треба да пристигнат во почетокот на следната година.