24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Манчевски: Владата и Синдикатот соработуваат при носењето на новите закони за јавната администрација

Владата и УПОЗ соработуваат при носењето на измените и новите закони од областа на јавната администрација, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој се обрати на годишната конференција за Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани – УПОЗ.

Тој рече дека Владата, МИОА и УПОЗ се во постојана координација и соработка при подготовка на измените на Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административните службеници, како и при изработка на новиот закон за висока раководна служба. Само на тој начин возможен е социјален дијалог и синдикална борба.

Министерот Манчевски ги претстави усвоените забелешки доставени од УПОЗ, кои се вклучени во последната верзија на Законот за административните службеници.

„Некои од прифатените забелешки се барањето генералните секретари на самостојните државни органи и други тела основани од Собранието да бидат во опфат на законот за висока раководна служба, во составот на дисциплинската комисија да има еден претставник од синдикатите во институциите во кои постои синдикална организација. Исто така, со новиот концепт на минимална плата се прифаќа и предлогот во однос на категоријата Г, како и предлогот за додаток на плата за дополнително доделени задачи (овластување)“, информира Манчевски.

Покачувањето на платите во јавната администрација се отвори како тема во рамките на отворената дискусија. Како што истакна министерот, политиките и програмата на Владата предвидуваат постојано покачување на платите, а покачувањето од 5 проценти во јавната администрација ќе биде пракса и во наредните години. Во однос на новиот закон за висока раководна служба, министерот Манчевски информира дека тој е во завршна фаза и дека до крајот на месецот ќе биде дел од владината процедура.