25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Филипче: Воведовме три нови типови инсулин, посветени сме на пациентите со дијабетес

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска присуствуваше на централниот настан за одбележување на Светскиот ден против дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженијата на дијабетичари, со поддршка од Министерството за здравство, здруженија, институции и компании.

Во своето обраќање тој нагласи дека Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин потенцирајќи дека грижата за лицата со дијабетес и обезбедувањето соодветна инсулинска терапија е врвен приоритет на Министерството за здравство.

„Во изминатиот период воведовме три нови типови инсулин, кои се најнова генерација на лекови, и два нови инсулински аналога. Исто така, направена е многу значајна измена на Законот за паралелниот увоз на лекови, со што во земјата се донесени оригинални инсулини со сертификат какви што се носат во сите развиени европски земји. Со тоа значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот. Воедно, се подобрува и кардиоваскуларниот ефект заради тоа што има многу поголемо влијание на кардиоваскуларниот систем. Во изминатиот период активно работевме со сите фактори, кои имаат улога во овој процес во изготвување на новата десетгодишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи што ги подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. По носењето на оваа стратегија, ќе почне ревитализација на сите центри за дијабетес во државата“, истакна министерот Филипче.

Тој додаде дека во рамките на националниот електронски систем „Мој термин“ функционира посебен софтвер и во реално време се следат потрошувачката и снабдувањето со инсулин и ленти за мерење шеќер во сите установи и нашата држава е пример за таков тип софтвер, единствен во регионот.