24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Костадинов: Кривичната пријава против Коњановски е доказ за криминалната матрица на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е понудата на Мицкоски

– Последниот случај со кривичната пријава против поранешниот министер за одбрана од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коњановски е уште еден доказ за криминалната матрица на оваа партија. Ова е обновата на Христија Мицкоски, понудата за обнова на криминал, корупција, недомаќинско работење на штета на граѓаните. Како што е познато, министерот на ВМРОД-ПМНЕ, Зоран Коњановски се сомничи дека ненаменски потрошил над 312.000 евра, пари на граѓаните! – изјави на денешната прес конференција, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник.

-Пари биле предвидени за градење на бунгалови на брегот на Охридското езеро, кои не се функционални и оставени се да пропаѓаат со години. Покрај тоа што ова е уште еден од низата пропаднати ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, случајот ја потврдува режимската матрица на оваа партија. Очекуваме надлежните институци да утврдат за што се потрошени овие пари и да дадат одговори на сите сомнителни прашања, изјави Костадинов.

– Јасна е разликата помеѓу криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и домаќинското и одговорно работење на СДСМ. За само две години двапати ги зголемивме платите во одбраната. Решен е проблемот со станбено обезбедување на припадниците на Армијата со дополнителни 7.000 денари за станарина. Воведовме стипендии за студенти за создавање на дефицитарните кадри неопходни за Армијата. Ги приближување на платите на цивилните со платите на воените лица во Армијата и воведовме можност за порано заминување во пензија, со износ 80% од десетте најдобри години, систем што функционираше само во полицијата. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ освен обнова на криминалот и недомаќинското работење, нема што друго да понуди. Затоа ќе загубат на предвремените избори на 12 април, кога граѓаните уште еднаш ќе ја поразат нивната деструктивна матрица, рече Костадинов.