23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Лицемерното ВМРО-ДПМНЕ лаже, зборува за загадувањето кое стана енормно токму за нивното владеење, денес се преземаат системски мерки за почист воздух

– ВМРО-ДПМНЕ денеска повотрно лаже. Аерозагадувањето стана енормно во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и дополнително ја влошуваа состојбата со сечење на дрвата и пренаменување на зелените површини во градби. Лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за чист воздух кога токму оваа партија со своето криминално владеење го поттикнуваше загадувањето, реагираат од СДСМ на изнесени ставови на Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес, СДСМ како одговорна партија спроведува низа мерки за справување со аерозагадувањето. Оформени се дополнителни тимови за затворање на проблематиката за огнови на јавни места и палење на шумите, во тек е субвенционирање на 10.000 семејства, кои се греат на дрва или други нееколошки енергенси, со 1.000 евра за купување инвертор клима уред.

Истовремено забрзано се работи на гасификацијата и тоа на двата главни коридори Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар, сите општини и Градот Скопје изработуваат главни проекти за моделот на гасификацијата.

Во план е и електричен трамвај во Скопје и набавка на автобуси на гас, адаптирање на системите за греење и приклучок на гас во повеќе болници, меѓу кои болницата во Чаир и во Куманово, во затворот Скопје, како и во студентските домови.

Дополнително многу инвестиции се насочени кон обновливи извори на енергија, а постојано се подигаат нови зелени површини

За разлика од игнорантскиот однос на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ воведе нов пристап во борбата со аерозагадувањето, кој треба да обезбеди постојаност и транспарентна имплементација на мерки во повеќегодишен временски период.“ – се вели во реакцијата.