САД изразија разочараност затоа што Европскиот совет не додели датум за преговори за Северна Македонија и за Албанија.Стејт департментот наведува дека двете држави спровеле силни реформи и дека САД се надеваат дека Европскиот совет ќе постигне консензус за позитивна одлука пред самитот ЕУ-Западен Балкан следниот мај.
„Соединетите Американски Држави ја поддржуваат посветеноста на Северна Македонија и Албанија за интеграцијата во Европската унија. Разочарани сме што Европскиот совет не ги прифати силните реформски напори на секоја земја. Позитивната одлука би го потврдила кредибилитетот на нивниот пат кон ЕУ и цврсто ќе се спротивстави на малигните надворешни актери, кои сакаат да ги поткопаат западните вредности и евроатлантската заедница. Признаваме дека Европскиот совет не кажал „не“ ниту на Албанија, ниту на Северна Македонија, ниту ЕУ воспостави нови услови за започнување на пристапните преговори. Се надеваме дека Европскиот совет ќе постигне консензус за позитивна одлука за двете држави пред самитот ЕУ-Западен Балкан следниот мај“, соопшти Стејт департментот.
Од таму наведуваат дека Соединетите држави ќе останат стратешки партнер на Северна Македонија и Албанија, бидејќи тие продолжуваат со својата работа за зајакнување на владеењето на правото, за борба против корупцијата, развој на нивните економии и борба против организираниот криминал.
„Ние ги охрабруваме двете држави да останат цврсти во градењето на транспарентно и демократско општество. САД ќе продолжат да работат со европските партнери за да ги унапредат споделените цели за стабилност и безбедност на Западен Балкан“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.