Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и групацијата на Светскатa банка (СБ) во Вашингтон, САД. Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ, Европската инвестициска банка (EИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
Како што соопшти Народната банка, закажани се одделни состаноци на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен, со извршниот директор на ММФ задолжен за Конституенцата во којашто членува нашата земја, Антони де Ланој и неговиот заменик, Ричард Дорнбош, како и со вишата резидентна претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и со шефицата на мисијата на ММФ за Република Северна Македонија, Берглјот Бјорнсон Баркбу. Се очекува дека на овие состаноци, акцентот ќе биде ставен и на монетарната политика, економскиот развој и економските показатели коишто ги следи централната банка, како и на состојбите во банкарскиот сектор кај нас.
Постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ, подетално ќе бидат анализирани на состаноците коишто гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика, за монетарни и капитални пазари и за фискални прашања. На нив ќе продолжат веќе започнатите дискусии во врска со можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во неколку сфери на централнобанкарското работење.
Предвидено е делегацијата да оствари состаноци и со потпретседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, со регионалната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, како со извршниот директор на СБ за Конституенцата во којашто членува нашава земја, Кун Дависе. На овие состаноци ќе се говори и за финансискиот и банкарскиот систем, како и воопшто за финансиската стабилност на нашата земја.
Гувернерката на Народната банка и министерката за финансии ќе остварат средби и со потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер и со потпретседателот на ЕИБ, Андре Мекдовел. На средбата со Мекдовел се очекува дека ќе се дискутира и за остварувањето на зацртаното во меморандумот за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на Анкетата за кредитната активност за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, којшто беше склучен во април годинава, во рамки на Пролетните средби на ММФ и СБ.
Како претставник на шесте земји од регионот коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија, во рамки на Средбите во Вашингтон, Ангеловска-Бежоска ќе учествува и на состанок на надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2.
Годишните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно, во дискусиите на Средбите, акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.