Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Министерот Спасовски во Брисел на средба со Даниелсон: Северна Македонија е многу важен партнер кој прави сериозен напредок

Денеска, заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и соседство во Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

На средбата беше презентиран напредокот кој е направен во спроведувањето на реформската агенда, која ги опфаќа приоритетите во Министерството за внатрешни работи, а се однесуваат на реформите на безбедносно-разузнавачките служби, зајакнување на капацитетите на финансиските истраги, спроведување на ефикасни истраги во областа на организираниот криминал, воспоставување на надворешниот механизам за контрола над полицијата, справувањето со нелегалната миграција и трговијата со луѓе и процесот на проверка на вработените во министерството – ветинг.

Даниелсон истакна дека Северна Македонија е многу важен партнер за Европската комисија, која во изминатиот период покажа сериозен напредок во процесот на пристапување кон ЕУ и исполнување на поставените приоритети. Напредокот кој Северна Македонија го постигна е дополнителен аргумент во насока на донесување на одлуката и определување на датум за отпочнување на преговорите, за што ќе се одлучува во наредните неколку дена.

Министерот Спасовски информираше за резултатите кои се постигнати во областа на внатрешните работи, а кои се согласно плановите и препораките кои во изминатиов период беа утврдени со Европската унија. Тој нагласи дека и во претстојниот период фокусот ќе биде на зајакнување на капацитетите на министерството и другите институции кои се вклучени во борбата против организираниот криминал и корупција, како и на спроведување на финансиските истраги. На средбата министерот Спасовски ги презентираше активностите на веќе формираната Работна група, која има за цел да подготви и презентира концепт за спроведување напроверка на вработените во министерството. Притоа, Спасовски истакна дека ова е многу важен процес кој не смее да биде ниту избрзан, ниту пак, политички мотивиран, туку треба да се сфати како составен дел од борбата против криминалот и корупцијата и од него не треба да стравуваат чесните професионалци кои ги има во министерството. Во текот на процесот на проверка на вработените нема да се донесуваат брзи одлуки и целиот концепт ќе биде во рамките на правниот систем на Република Северна Македонија, со почитување на принципот на владеење на правото.

Работната посета на министерот Спасовски продолжува со средба со Комесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство,Димитрис Аврамополус. Изјавата за медиуми ќе можете да ја проследите на следниот линк:

https://audiovisual.ec.europa.eu/en/ebs/1/20191009