25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Отворен нов групен дом во Скопје, во него се згрижени 4 лица над 18 години од заводот Демир Капија

Отворен е нов групен дом во Скопје, каде што се згрижени 4 лица над 18 години, корисници на Специјалниот завод Демир Капија.

„Нашите заложби се во следните три години повеќе да нема лица сместени во институции. Откако во 2018 година ги згриживме сите деца од Специјалниот завод Демир Капија, ја започнавме втората фаза на процесот на деинститиционализација, која ги опфаќа возрасните лица. Паралелно со нивното згрижување во мали групни домови, ги јакнеме и социјалните услуги во заедницата – процес во кој треба да учествуваат сите потенцијални даватели на услуги, бидејќи само заедно можеме да го совладаме предизвикот, да обезбедиме активно учество и вклученост на корисниците во средината кадешто живеат. Наша крајна цел е на овие лица да им овозможиме поквалитетен живот и да изградиме вистински инклузивно и хумано општество“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Ова е прв групен дом што се отвора во соработка помеѓу три субјекти: Специјалниот завод Демир Капија, Град Скопје и Сојузот на специјални рехабилитатори и едукатори. Се работи за навистина позитивен пример за соработка меѓу социјалните институции, локалната самоуправа и невладиниот сектор, со што се овозможува сеопфатна услуга на корисниците.

“Локалната самоуправа има должност да ја препознава потребата на своите граѓани и соодветно да ја лоцира социјалната политика. Во таа насока, преку соработката со Сојузот на дефектолози, обезбедивме 24 часовна нега од негуватели на лицата кои се сместени во овој дом. Имајќи предвид дека целта на поставениот концепт за ширење на мрежата на мали групни домови се базира, меѓудругото и на враќањето на лицата во местото на живеење, ние како Град Скопје сме целосно подготовени да одговориме на нивните потреби, да го поттикнуваме, помагаме и унапредуваме нивниот развој во заедницата“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Специјалниот завод не се затвора, туку се трансформира, а објектот се реконструира. Во тек се подготовките за воспоставување нова социјална услуга, за првпат предвидена со новиот Закон за социјалната заштита – одмена на семејна грижа. Овој пример, исто така, покажува дека трансформацијата на големите институции во современи социјални услуги во заедницата создава и нови работни места.

„Драго ми е дека со досегашната трансформација на Специјалниот завод Демир Капија успеавме значајно да го подобриме квалитетот на живеење на нашите корисници. Досегашното искуство покажа дека трансформацијата не доведе до губење работни места, напротив, и денешниот настан покажува дека грижата во заедницата бара нови вработувања и ги подобрува условите за работа на вработените“, истакна директорката на Специјалниот завот „Демир Капија“, Александра Велковска.

Претседателот на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, Горан Петрушев истакна дека процесот на вадење на лицата од Демир Капија е поддржан од стручни лица.

„Изминатите две години едукаторите и рехабилитаторите активно работеа на адаптација и на прилагодување на новите услови за живот на лицата коишто го напуштаат заводот. Во соработка со вработените од Специјалниот завод Демир Капија работевме со 90 возрасни корисници и 30 деца и млади. Во целата оваа активност имавме неизмерна поддршка од Министерството за труд и социјална политика, Агенциите на ООН, ФООМ и Швајцарската амбасада“, рече Петрушев.

Сите активности се прават согласно со Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ 2018-2027 и претставуваат премин од досегашниот застарен систем за социјална заштита заснован на „безлични“ институции, кон современ систем за поддршка и грижа во заедницата. Со трансформација на „Мајчин дом“ Битола беа згрижени и последните деца под тригодишна возраст, а предвидено е до крајот на 2019 година да нема повеќе деца под 18 годишна возраст во ниту една институција во државата.