Утре во 20 часот во Малата сала при националната Филхармонија, италијанската aмбасада организира оперски концерт во чест на италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, со македонскиот тенор Благој Нацоски, а по повод одбележувањето на 60 години од воведувањето на наставата на италијанскиот јазик и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Настанот е завршниот дел на меѓународната конференција „Италијанистиката во третиот милениум: Новите предизвици во јазичните, книжевните и културолошките истражувања“, организирана од Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со поддршка на Ректоратот, на Факултетот и на италијанската амбасада.
Тема на концертот ќе бидат оперските дела на Руџеро Леонкавало (1857-1919), еден од најважните претставници на мелодраматичниот варизам, како комеморација на стогодишнината од смртта на наполитанскиот музичар. Иако е познат најмногу по неговото дело I pagliacci, Леонкавало е автор и на многу други дела, меѓу кои и La bohème и Zazà. Програмата опфаќа и изведби на дела од автори современици на Леонкавало, како на пример Пјетро Маскањи и Франческо Паоло Тости.
Познатиот македонски тенор Благој Нацоски веќе долги години е во Италија, настапувал во престижни меѓународни театри, како La Scala во Милано, La Fenice во Венеција и New York City Opera. Во 2008 година од страна на Владата во Скопје му е доделена почесната титула амбасадор на македонската култура, а во неговата речиси дваесетгодишна кариера може да се пофали со бројни соработки со важни диригенти. Во оваа пригода ќе го придружуваат Дино Имери на пијано и сопранот Хелена Суша. За време на концертот ќе има и говори за животот и делото на Леонкавало, на македонски и на италијански јазик.