23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Попова: Шилегов ја продава Градската куќа

Иако пред некој ден негираше дека ќе се продава Градската куќа, денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, предлага продавање на новоизградената градска куќа, изјави Ирена Попова, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

„Пред неполна недела тој на новинарско прашање по претходно тврдење на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се продаде градската куќа, негираше дека тоа е точно. Шилегов изјави ‘Јас лично не гледам и не препознавам во изминативе две години дека опозицијата креира каква било политика за градот, таквите работи за луѓе кои немаат политика не треба сериозно да ги сфаќате’. Денес како итна точка на дневен ред Шилегов предлага продавање на новоизградената градска куќа. Дополнително се предложија уште 8 дополнителни точки без причина за нивна итност. Поголемиот дел дополнителни точки се за вработувања покрај постојните 186 за кои требаше да одлучува советот“, рече Попова.

Значи, додаде таа, наместо да гради, Шилегов продава.

„Неразбирлива и незаконита е итноста на потребата да се носи ваквата одлука и потребата да се лаже јавноста, освен ако нема силен бизнис-интерес за тоа. Притоа Шилегов не даде никакво образложение за причините за продажбата. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, заедно со целокупната опозиција донесе одлука да ја напушти расправата на седницата на Советот и да не го легитимира бонбона-бизнисот на Шилегов“, рече Попова.

Таа истакна дека Шилегов потребно е да одговори зошто ја лажеше јавноста дека нема да ја отуѓува градската куќа, зошто полутајно на шверцерски начин преку злоупотреба на процедури продава новоизградена зграда, кои се мотивите за продажба на градската куќа и најважното дали однапред се знае кој ќе ја купи оваа куќа.

Попова прашува и дали е вистина дека зад вакво отуѓување стои нова бонбона-бизнис при што ќе ја отуѓи новата градба која беше наменета за градска куќа, и тоа за возврат на неколку децении стара градба и дали зад ваквата бизнис-зделка стојат и приватни и лични интереси, со други зборови дали Шилегов принципот „евро за евро“ од Струмица го презема и унапредува среде Скопје.