Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Претставена програмата за четвртото издание на филмскиот фестивал „Киненова“

Филмскиот фестивал „Киненова“ денеска пред новинарите ја претстави програмата за своето четврто издание кое ќе почне на 4, а ќе трае до 13 октомври.

Во официјалната селекција ќе бидат претставени седум наслови, од кои на крајот жирито ќе ги избере најдобрите. Програмскиот селектор Игор Анѓелков најави и неколку споредни програми, кои верува дека ќе бидат вистински мамец за филмските сладокусци.

Од грчката кинематографија, ќе биде прикажан филмот „Сожалување“ на Бабис Макридис, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, соработникот на предводникот на т.н. „чуден бран“ во грчкиот филм, Јоргос Лантимос. Од бугарската кинематографија ќе биде претставен филмот „Прасето“ на Драгомир Шолев, додека „Алекси“ на Барбара Викариќ е претставник на новиот хрватски „женски“ бран во филмската уметност.

Како што најави Анѓелков, руското ново кино годинава на фестивалот ќе го претставува филмот „Човекот кој ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов. Од Бразил доаѓа симпатичниот „Сократес“ на Алешандре Морато, а за жанровско збогатување на понудата во официјалната конкуренција, годинава има и еден документарен филм, германскиот „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, приказна за ноќните дами крај еден автопат на северот од земјата.

Покрај овие седум остварувања во трка за наградите, ќе бидат претставени автори од современата турска кинематографија, па годинава гостинка е наградуваната Јесим Устаоглу, а публиката ќе има можност да ги види и петте филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „Петрунија“ и „Медена земја“, како и постфестум проекциите на современата унгарска кинематографија.

На отворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Таткото“, актуелниот победник на фестивалот во Карлови вари летово, како и специјалната проекција на контроверзниот „Путиновите сведоци“ на Витали Мански, минатогодишен победник на истиот фестивал во документарната секција.

Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, смета дека ова издание на Киненова ќе биде програмски најквалитетно и најиздржано.

„Она што посебно избликнува од оваа програма е токму филмските автори и дела кои пркосат со храброста и одлучноста да се промени лошата реалност. Во тој контекст имаме храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите. Ова сето значи дека Киненова МФФ не отстапува ни милиметар од својата авангардна патека. Ја повикувам публиката да ја истражи Киненова 2019 и да се подготви за вистински филмски изненадувања“, рече Јовановиќ.