10. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Жугиќ: Владата да изврши пошумување по пожарите на Скопска Црна Гора

Градот Скопје и владата да извршат акција за пошумување на уништените зелени површини и дрва кои беа зафатени од пожарите на Скопска Црна Гора, предлагаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

За таа цел, изјави советничката Јелена Жугиќ, да се изврши пренамена на средствата кои владата ги дава за набавка на цветни аражмани кои беа во висина од над 700 илјади евра како и Градот Скопје да се откаже од набавка на службени возила за менаџментите на јавните претпријатија.

„Парите да се наменат исклучиво за разеленување на опожарените површини и доопремување на противпожарната градска служба“, рече Жугиќ.

Според неа отсуствува посериозен и посеопфатен ангажман на надлежните институции во справувањето со пожарите.

„Практично пожарите директно и индиректно го загрозуваат здравјето на Скопјани. Последниот пожар на Скопска Црна Гора кој остана нелокализиран неколку дена направи огромна штета за животната средина и беше со можни закани за последици врз здравјето и на локалното население. Граѓаните беа препуштени речиси сами да се справуваат со пожарите неколку дена. Тоа покажува неколку работи: дека се недоволни капацитетите на градската противпожарна заштита, дека Дирекцијата за справување недоволно се ангажира во справување со ваквите пожари и дека владата треба посериозно да се вклучи во гасењето на пожарите“, рече таа.

Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, исто така, предлага при гаснење на посериозен и поголем пожар да се вклучи и Армијата.