Со изложбата на концертни и промотивни постери и плакати насловена како „Патешествие“ во Музеј на град Скопје на 2 септември со почеток од 20 часот ќе почне филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.
Изложбата „Патешествие“ претставува приказ на кариерата на Влатко Стефановски, но прикажана преку бројни концертни плакати од најразлични периоди од неговата кариера. Со оваа изложба се прикажува еден друг аспект од кариерата на Влатко, односно неговиот богат концертен опус со годините. Важно е да се напомене дека оваа изложба ќе биде поставена само ексклзивно во Скопје. На отворањето на изложбата воведен збор ќе даде Урош Вељковиќ, кој е ликовен уметник и тапанар на бендот Steel Temple.
„Фестивалот на документарен музички филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што ќе биде изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознаени со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња“, изјави Влатко Стефановски
Овогодишното издание на фестивалот „Синема сити„ дава акцент на документарни филмови каде главна улога, односно внимание е дадено на гитарата и луѓето кои ги посветиле своите животи на овој инструмент и со тоа на некакв начин станале синоним за него. Филмот што ќе го отвори фестивалот е филмот „Кит Ричардс: Под влијание“. „Под влијание“ е портрет на Кит Ричардс, кој е срцето и душата на бендот „Ролинг стоунси“. Ведаш по проекцијата свој соло-настап ќе има Влатко Стефановски.
Секоја вечер од филмскиот фестивал е поделен на жанрови. Третата вечер е блуз-вечер и е посветена на двајца великани на блузот, Роберт Џонсон и Ерик Клептон. Меѓу овие два филма свој настап ќе има блуз дуото „In the Mood”. Четвртата вечер е посветена на поекспериментални правци во музиката. Во соработка со Гете институтот ќе биде прикажан филмот „Романтични војници: Краутрок прв дел“. Краутрок е називот за една група култни бендови од Германија која била популарна во текот на ‘70-тите: Can, Neu! Фауст, Крафверк. Вториот филм истата вечер – „Изгубената жица“ е портрет на авангардниот џез-гитарист Марк Рибо и неговите бендови и проекти како дел од даунтаун-сцената во Њујорк. Петтата вечер е посветена на фолк-музиката овој пат од Португалија со Мадредеуш и трагичната фигура Ник Дрејк. Завршната вечер е посветена на класичните рок-бендови U2 и Queen, односно се посветени на некои од нивните најголеми достигнувања: албумот „Joshua Tree” на U2 и „Приказната за Боемската рапсодија“.
Проекциите на филмовите во рамки на „Скопје синема сити“ ќе се организираат во Кинотека на С. Македонија почнувајќи од 3 до 7 септември. Изложбата и филмскиот дел се помогнати од Министерството за култура, Кинотека на С. Македонија, Музеј на Град Скопје, Гете институт, Ажур Скопје, Тиквеш.