4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Трипуновски: Владата молчи за милионскиот долг во Програмата за финансиска поддршка за земјоделците

Втор ден молк од МЗШВ и Владата на Република Македонија во врска со 65-те милиони евра долг во Програмата за финансиска поддршка за земјоделците, обвини Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека земјоделците чекаат исплата на субвенции, откупот и пласманот е катастрофално лош. Земјоделецот е оставен без никакви средства за егзистенција, а власта наместо да им помогне им се заканува и ги заплашува земјоделците, коишто си ги бараат ветените и заслужени субвенции. Ситуацијата е алармантна. Заев не успеа да ги исплати ниту редовните субвенции, ниту дополнителните мерки коишто требаше да ја ублажат загубата што ја претрпуваат земјоделците од цела Република Македонија. Нема ништо од дополнителнителната субвенција од 1 денар којашто им ја ветија на лозарите од Тиквешијата, трите денари на јаболкарите од Ресенско сè уште ги чекаат, производителите на познатата пиперка ајварка си уште си ги чекаат своите три денари по килограм продаден род, исто како и сливарите од повеќе региони во државата, оризарите од Кочанскиот Регион сè уште ги чекаат ветените 5 денари за продаден килограм ориз, исто така и мелничарите, млекопроизводителите, сточарите и сите други земјоделци се излажани од оваа власт си ги чекаат редовните и дополнителните субвенции“, рече тој.

Веќе три години, додаде Трипуновски, земјоделците се соочуваат со намалени приходи и егзистенција што е под знак прашалник. Откуп нема, кога го има цените се ниски, а субвенциите не се исплаќаат.

„Господине Заев како мислите дека земјоделците може да преживеат со своите семејства? Дали знаете дека земјоделците не го продаваат својот род, напротив го предаваат, со цел да обезбедат минимални средства за егзистенција на своите семејства.
Господине Заев ги донесовте до просјачки стап земјоделците, а за тоа ќе одговарате пред граѓаните на наредните предвремени парламентарни избори. Затоа истите треба да се случат час поскоро, затоа што е потребна обнова на Македонија“, рече тој.