23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

МАКЕДОНИЈА Е ЕДНО ГОЛЕМО ГРАДИЛИШТЕ: Дванаесет општини добија 165 милиони денари за градење улици, водовод, скејт-парк

На 12 општини денеска им се ставени на располагање 165 милиони денари преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светската банка. Средствата се наменети да бидат искористени за изградба на локални улици, водоводи, реновирање градинка, набавка на механизација и изградба на скејт-парк.

Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, денес потпиша договори со градоначалниците на општините Тетово, Кочани, Делчево, Брвеница, Бутел, Дебрца, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново-Облешево.

Од вкупните средства, 136,8 милиони денари се заеми по исклучително поволни каматни, под 1 отсто, а 28 милиони се грант средства за општините.

„Со спроведување на овие проекти жителите на овие 12 општини ќе добијат подобри општински услуги. Како што гледате, тука има општини од сите региони. Проектот за подобрување на општинските услуги ја има токму оваа цел – преку заеми, но и грант-средства, да стимулира вложување во капитални проекти, кои ќе ги подобрат условите за живеење во сите општини во земјата“, изјави Елези.

Заеми преку Проектот за подобрувње на општинските услуги добиваат општините Тетово, Кочани и Делчево. Тие ќе се искористат за изграда на булевар и улици. Во Тетово со заемот од 60,6 милиони денари ќе се продолжи булеварот Видое Смилевски – Бато, кој е главна комуникациска артерија за товарниот сообраќај кој од Скопје, Тетово и Гостивар се движи кон граничниот премин. Во Кочани со 43,9 милиони денари ќе се изградат или ќе се финализира изградбата на 11 улици, од кои шест се во урбаниот, а пет се лоцирани во руралниот дел, во селата Тркање и Оризари. Во Делчево со 32,3 милиона денари ќе се изврши реконструкција на две постојни улици и една земјена улици во градот.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, истакна дека проектот што ќе се реализира во нејзината општина – продолжување на булеварот Видое Смилевски – Бато, е од исклучително змначење за сите граѓани од Полошкиот Регион.

„Секоја општина мора да биде кредитоспособна за да може да аплицира за вакви проекти. Реализацијата на ваквите проекти ги подобрува општинските услуги што им се даваат на граѓаните, а со тоа се обезбедуваат подобри услови за живеење во општините“, рече Арифи.

Грант-средства добиваат општините Брвеница, Бутел, Дебрца, Гостивар, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново-Облешево. Тие ќе се искористат за изградба на водоводи, изградба на скејт-парк, обнова на градинка, набавка на механизација и улично осветление. Гази Баба грантот од 5,13 милиони денари ќе го искористи за изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Раштак – крак 1 и крак 7 во долна зона. Општина Кисела Вода со грант-средства во висина од 4,74 милиони денари ќе изврши енергетска обнова на градинката „Весели цветови – објект Мимоза“. Гевгелија со грант-средства во износ од 4,17 милиони денари ќе изгради водоводна мрежа во должина од 1,7 километар во населбата Караорман. Бутел грантот од 3,66 милиони денари ќе го искористи за набавка на специјална машина – метлачка. Брвеница со грант од 3 милиони денари исто така ќе набави механизација за спроведување општински услуги. Илинден добива грант од 2,9 милиона денари, со кои ќе изгради дел од скејт-парк. Гостивар добива грант од 2,6 милиона денари, со кои ќе набави возило за одржување улични светилки. Грант во износ од 1,5 милион денари добива и Чешиново-Облешево, со кои ќе набави возило и механизација. Општина Дебрца, пак, добива грант од 336 илјади денари, со кои ќе набави компјутерска опрема за Општината.

Градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски, рече дека со спроведувањето на проектот за изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа во село Раштак ќе се реши проблемот со водоснабдување таму. Тој посочи дека преку вакви локални проекти се подобруваат условите за живеење на граѓаните во општините.

Инаку, вкупниот износ на Проектот за подобрување на општинските услуги, кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светската банка и Европската комисија, достигна 100 милиони евра. Со овие средства беа финансирани над 230 капитални проекти досега во сите општини во земјата, како изградба на локални улици, градинки, училишта, водоводи и канализации и други проекти.