Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Заев и Адеми на средба со дијаспората: Инвестирајте во безбедна и стабилна земја, за просперитет за сите граѓани

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот без ресор, задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, синоќа се сретнаа со луѓе од дијаспората, кои живеат во Италија, Швајцарија, Германија, Белгија, Луксембург, Турција и САД.

Како што информираат од владината прес-служба, поздравувајќи ги иселениците Заев ги истакнал политиките на Владата, кои, како што рекол, покрај економскиот напредок се насочени кон остварување на клучните стратешки цели, членството на земјата во НАТО и Европската Унија.

„Создаваме безбедна, сигурна и економски просперитетна држава, која има пријателски односи со сите соседи и поволни услови за инвестиции. Минатата 2018 ја завршивме како година во која Северна Македонија, според Конференцијата на ОН за трговија и развој, е прогласена за земја со најголем раст на директни странски инвестиции со остварени 737 милиони долари, односно 624 милиони евра, странски инвестиции”, нагласил премиерот на средбата.

Тој најавил и дополнителни одлуки за поддршка на инвестициите од македонските државјани, кои живеат или привремено престојуваат во странство.

„Првата порака е инвестирајте. Очекуваме да расте просперитетот на државата, продолжуваме со реформите во сите области, особено во правосудството, и ја зајакнуваме бескомпромисната борба со корупцијата”, истакнал Заев.

Од Владата информираат дека претставниците од дијаспората на средбата особено се интересирале за подетални информации за одделни услови и можности за инвестирање, како и за административни прашања и олеснувања, поврзани со поддршката од Фондот за иновации и развој.

„Во изминатите две години Владата воспостави мост меѓу државните институции и дијаспората, кој всушност е комуникација, споделување и решавање на проблемите во рамки на системот”, подвлекол министерот Адеми, истакнувајќи дека средбите меѓу претставниците на дијаспората од нашата земја и претставници од Владата од минатата година веќе се традиција.