17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Случајот со заразени животни со антракс е изолиран, новозаразени нема

ВМРО-ДПМНЕ да не крева вештачка паника, случајот со заразени животни со антракс е изолиран, новозаразени нема, реагира СДСМ по прес-конференцијата на Цветан Трипуновски.

Владејачката партија коментира дека ВМРО-ДПМНЕ е лицемерна и се служи со лажни вести.

„Истата таа партија додека беше власт во 2009 и 2015 година криеше дека има појава на антракс во општина Сарај, односно Велес. Денес, нивната наводна грижа за граѓаните од опасноста од заразеност со антракс е само очаен обид за прибирање на ситни дневнополитички поени на ВМРО-ДПМНЕ. Министерството за здравство веднаш излезе во јавноста и потврди дека нема опасност за граѓаните и дека ниту еден граѓанин не е заразен со антракс. Истовремено и Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека засега болеста е детектирана само кај едно одгледувалиште и навреме се преземени сите потребни мерки за справување со болеста. Последните информации се дека нема нови случаи на заразени со антракс“, велат од СДСМ.

Партијата додава дека е несериозно од страна на ВМРО-ДПМНЕ да ги вознемирува граѓаните и создава вештачка паника и страв.