По официјално потврдување на присуство на болеста африканска свинска чума во реоните на Белград и Смедерево, во соседна Србија, заради заштита од внесување на вирусот на африканска чума кај свињите во земјава, денеска Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за забрана за увоз и транзит на домашни и диви свињи, семе, јајца и ембриони од свињи од оваа земја. Забраната се однесува и на увозот на свинско месо, производи и подготовки од свинско месо и други производи кои содржат свинско месо, како и на нус-производи.
Од петокот на сила е и донесеното решение за задолжително лабораториско испитување на присуство на вирусот на африканска свинска чума на секоја увозна пратка од свинско месо, производи и преработки од свинско месо, мешовити производи кои содржат свинско месо и други производи од свињи, како и нус-производи и деривати на нус-производи од свињи.
Пратките нема да се пуштаат во промет до добивање на резултатите од лабораториските испитувања, кои ќе се вршат на Факултетот за ветеринарна медицина.
Во Република Северна Македонија африканска свинска чума нема, состојбата будно се следи, а превентивните мерки се подигнати на максимално ниво.