23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата од денеска е достапен на ЕНЕР

Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата од денеска е достапен на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистaр на прописи на Република Северна Македонија) и на веб-страницата на Министерството за култура. Предлог-законот го подготви работна група формирана со решение на министер за култура, а во неа беа вклучени претставници на синдикатите, на Министерството за информатичко општество и администрација, на националните институции и на граѓанскиот сектор.

Во составот на работната група беа:
– Златко Теодосиевски, вработен во национална установа, претседател
– Магдалена Диковска, раководител на Секторот за нормативно-управни работи и за авторското право и сродните права во Министерството за култура, член
– Фросина Ѓоршовска, раководител на Одделението за управни работи во Министерството за култура, член
– Билјана Тануровска-Ќулафковски, претставник на независната културна сцена, член
– Ивана Васева, претставник на независната културна сцена, член
– Валентина Поцевска, претставник на СКРМ, вработена во национална институција, член
– Александар Стојчевски, претставник на СКРМ, вработена во национална институција, член

Работната група работеше на предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата од април 2018 година досега, беа одржани две јавни дебати (во септември и во декември 2018 год.), а беа оддржани и многубројни состаноци со сите засегнати чинители во сферата на културата, националната и вонинституционалната култура.

Предлог-законот објавен преку ЕНЕР е уште една можност за конструктивни предлози за усовршување на текстот на новиот закон за културата, кои ќе бидат разгледани од работната група пред конечното утврдување на предлог-законот и негово упатување во владина и во собраниска процедура.

Примената на актуелниот Закон и проблемите што беа евидентирани при неговото спроведување повеќепати упатуваа на потребата од негово изменување и дополнување, па така Законот за културата од 1998 година досега е изменет 16 пати.

Со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018 – 2022 годинa се утврди потребата за донесување нов закон за културата, односно се наметна потребата да се направат повеќе суштински и концептуални измени на нормативното регулирање на остварувањето на поширокиот интерес во културата, кои ќе овозможат правна основа за развој и унапредување на условите за уметничко творење и вршење на дејностите во културата.

Со донесувањето на овој закон ќе се направат повеќе суштински и концептуални измени, а, пред сè со него културата ќе се дефинира како област од јавен, а не од национален интерес.

Со предлог-законот се нуди ново дефинирање на поимот самостоен уметник, категорија за која ќе се води регистар и на овие корисници на буџетските средства ќе им овозможи поволности за плаќање на придонесите за здравствено, пензиско и социјално осигурување. Новина е што покрај уметниците, право на поволности од буџетот за овие придонеси од работен однос се предлага да имаат и лицата што вршат стручни работи во културата во вид на занимање, како што се: менаџери во културата, куратори и стручни работници во областа на заштитата на културното наследство.

Со законот ќе се разработи постапката за продолжување на децентрализацијата на културата (што досега не беше регулирано), односно пренесување на надлежностите на основачките права на националните установи од државно на локално ниво, што претставува една од основните претпоставки за темелна реформа во културата и е заложба утврдена во Стратегијата за развој на културата за наредниот период.

Направено е преиспитување на правото на „надомест на пензија“ на пензиониран уметник и стручен работник од областа на заштитата на културното наследство кои веќе добиле државни награди, како и на институтот „амбасадори во културата“ – одредби кои не придонесуваат за развој на културата, а предизвикуваат поголеми финансиски последици врз буџетот на РСМ во делот за културата, и, во согласност со стратегијата, се предлага овие бенефиции да се укинат.

Одредбите за работен однос во културата и статусот на уметниците и стручните вработени во културата какви што се сега во Законот за културата, како „даватели на услуги“ и административни и помошно-технички лица, се преработија, но тие и понатаму се усогласени со прописите за вработените во јавниот сектор. Во новиот закон поимот „даватели на услуги“ се заменува со поимот „носители на дејност“. Како специфични прашања за културата, се предлага да се регулираат: дефинирање на две категории носители на дејноста во културата (уметници и стручни работници во заштитата на културното наследство.)

Со предлог-законот се уредува аудицијата како обврска при вработување за првпат, без работно искуство, при мобилност или унапредување. Се предвидуваат измени во делот за реаудиција, а начинот, временскиот рок и критериумите за спроведување на постапката за контрола на квалитетот ќе се уредат со општ акт што го донесува Управниот одбор, на предлог од директорот, а по претходна согласност од Министерството за култура.

Со новиот закон ќе се создаде правна основа за поефикасен начин, поотчетно и потранспарентно финансирање на јавниот интерес во културата. Се предвидува наместо со досегашниот годишен конкурс, финансирањето да се врши врз основа на 2 редовни конкурси (во септември и во март); одлучувањето за финансирање проекти од областа на културата да се врши врз основа на оценка на оценувачи, кои ќе бидат именувани по пат на јавен повик, а работата на оценувачите за доставените проекти на конкурсите да биде уредена со правилник што го донесува министерот за културата; доставувањето на пријавите на конкурсите на Министерството за култура треба да биде по електронски пат; националните установи да доставуваат годишна програма за работа која ќе биде подготвена врз основа на буџетско планирање за период од три години, а ќе се реализира преку годишни програми. За прифаќање на годишните програми на националните установи, предлог на министерот ќе даваат посебни стручни комисии кои ќе ги формира министерот.

Во конкурсите за други корисници ќе се објават приоритетите, буџетот по дејности и општи критериуми врз чија основа ќе може да се врши изборот на проектите од областа на културата од јавен интерес, а посебните критериуми и мерила ќе бидат уредени со правилник кој го донесува министерот за културата.