На денешната седница Владата донесе одлуки за разрешување и именување директори, в.д. директори и членови на управни и надзорни одбори на агенции, инспекторати, управи, државни претпријатија и јавни установи.
Висарa Риза е нов в.д. директор на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Милан Запровски е в.д. директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Емил Крстевски е именуван за в.д. директор на Државниот архив, Арбен Вила на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ.
Дејан Богоевски е именуван за в.д. директор на Управата за сигурност во железничкиот систем, Пајазит Лика за в.д. заменик-директор на Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони, Армир Садики за в.д. директор на Бирото за јавни набавки.
За в.д. претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на РСМ е именуван Ване Цветанов.
Рефик Мустафа е именуван за в.д. директор на Управата за електронско здравство.
Марјан Огненовски е разрешен од должноста управител на трговското друштво „Нафтовод“ ДООЕЛ Скопје, а на негово место е именуван Зоран Исајловски.
Милутин Станиќ е разрешен од должноста директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, а на негово место е именувана Славица Тодорова.
Смените на директори следуваат откако пред една недела премиерот Зоран Заев најави дека ќе има разрешување на 40-ина директори во јавните претпријатија.