18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Отворена истрага за разбојништвото во казиното „Адмирал“

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело разбојништво.

Од обвинителството велат дека еден од осомничените го сторил делото како соизвршител, додека второто осомничено лице помогнало во вршењето на кривичното дело.

Осомничениот 22-годишен скопјанец на 20 јули 2019 година, околу 22 часот, заедно со едно засега непознато лице – негов соизвршител, со употреба на опасно орудие пиштол се заканиле на двајца вработени во казиното „Адмирал“. При тоа тие, маскирани со фантомки, влегле од задната врата на казиното и одзеле парични средства во вкупен износ од 126.161,00 денари. Во исто време, второосомничениот, 19-годишен скопјанец ги чекал двајцата сторители во возилото марка „ауди А5“ кое го ставил на располагање за обезбедување превоз, со што помогнал во вршењето на кривичното дело. Откако осомничените излегле од казиното, биле пресретнати од овластени службени лица по што се дале во бегство.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека се исполнети законските основи за обезбедување непречено водење на кривичната постапка, па до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот и мерки на претпазливост за второосомниченото лице. Предлогот на обвинителството беше прифатен од судот, по што на осомничениот кој се гони за соизвршителство му е определен притвор со траење од 30 дена. На осомничениот кој помогнал во вршењето на кривичното дело му се определени мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице во надлежен државен орган и одземање на патна исправа, односно забрана за нејзино издавање.

Спонзорирано: