20.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Годинава четирипати зголемени казните за нарушување на јавната чистота во Скопје

Во периодот јануари – мај 2019 година се изречени 649 мандатни казни од страна на комуналните редари на Град Скопје, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година кога биле изречени 149 мандатни казни, информираат градските власти.

Од таму додаваат дека редарите во изминатиот период ги засилиле контролите на терен, што резултирало со зголемување на казните и опомените со видливи резултати.

„Изречените мандатни казни се однесуваат на сторени прекршоци според Законот за јавната чистота, член 14, според кој се забранува фрлање и оставање градежен шут на јавните површини; фрлање и оставање разни видови отпадоци; оставање стари предмети од домаќинство; палење, закопување и уништување смет; продажба и излагање земјоделски и индустриски производи, освен на местата определени за таа намена; превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, сено, отпад или слични материјали, без претходна подготовка и поклопување на материјалите со поклопец; вклучување во сообраќај моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала; палење и уништување на садовите за собирање смет; уништување на урбаната и друга опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта)“, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Властите апелираат до граѓаните да ја чуваат и да не ја загадуваат животната средина, ѓубрето да го фрлаат исклучиво во контејнерите и кантите за отпадоци, да го чуваат зеленилото, прописно да паркираат и да ги почитуваат одредбите од Законот за јавната чистота.