9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТЕХНОЛОГИЈА

Летачки такси ќе брмчат на небото над Мелбурн

Такси-гигантот „Убер“ планира да почне проби со своите летачки автомобили в година во Мелбурн, Австралија. Мелбурн е третиот град ставен под знамето на „Убер“ за новата такси-служба, која работи на создавање прва светска мрежа за воздушно такси, пренесува РТ.

Еден од најнаселените градови во Австралија ќе стане првиот меѓународен пазар за „Убер ер“ победувајќи ги градовите во Бразил, Франција, Индија и во Јапонија за да им се приклучи на Далас и Лос Анџелес како пилот-локација за проектот. Тест-летовите се закажани за 2020 година, а комерцијалните операции ќе почнат во 2023 година.

„Сакаме да им овозможиме на луѓето да притиснат копче и да добијат лет“, рече Ерик Алисон, глобален шеф на „Убер елевејт“, во средата.

Воздушната маршрута ќе покрива 19 км од централниот деловен округ (CBD) до аеродромот во Мелбурн и ќе трае 10-ина минути наместо вообичаеното патување кое трае од 25 минути до еден час. Летот, наводно, се очекува да чини помалку од 90 долари, приближно исто како патувањето во луксузен автомобил „убер блек“.

Воздушната такси-услуга треба да биде лансирана дури и порано од долгоочекуваната железничка врска до аеродромот во Мелбурн, која ќе го поврзе центарот на градот со аеродромот до 2031 година.

Проектот „Убер ер“ наведува дека граѓаните ќе користат специјално летало за вертикален полет и слетување (VTOL), кое може да патува меѓу воздушните постојки, кои ќе може да се справат со 1.000 слетувања на час. Компанијата работи со пет производители на авиони, вклучувајќи го и „Боинг“, за да го дизајнираат авионот за идните возења.

Сепак, „Убер“ може да се соочи со некои пречки за да ја почне иницијативата, сметаат некои аналитичари. На пример, недостигот од соодветни регулативи, добивање потврда за безбедност и одобрување за воздушните рути, како и изградба на инфраструктура за проектот.

„Не би сакал да сме во позиција во која ќе ги повториме проблемите со копнените возила на „Убер“ бидејќи владите не се соодветно подготвени за оваа технологија и не работат активно со овие компании за да се осигураме дека можеме да имаме корист од оваа технологија, а и да не завршиме во ситуација на апсолутен хаос“, изјави Џејк Вајтхед, истражувач на Универзитетот во Квинсленд, за Еј-би-си.