Секогаш во средиштето на збиднувањата...

„Медена земја“ награден на Меѓународен фестивал во Тел Авив

„Медена земја“, документарниот филм на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, е добитник на наградата Best International Film на 21. издание на Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Тел Авив, DOCAVIV.

Наградата беше врачена вчера на двајцата режисери на наградната церемонија која се одржа во Тел Авив.

Стручното жири кое едногласно одлучи да го награди филмот со оваа висока награда во својата екпликација ја истакнува неверојатната наративност и кинематографија со која се прикажува една заедница која живее на маргините на општеството и оди уште подалеку станувајќи фасцинанетен портрет на една извонредна жена. Жирито беше поттикнато од интимната медитација за кршливоста на човековото постоење во неговата длабока поврзаност со природата.

Од животот на главниот лик во филмот, Хатиџе Муратова, која веројатно е последната пчеларка во Европа која сè уште го извлекува медот од природни колонии и се труди да не го наруши природниот баланс со човечката ненаситност, бидејќи ако еден го скрши правилото сите ја плаќаат цената, умешноста на фимската екипа успева на визуелно раскошен начин да ја покаже нејзината магична виталност и бескраен отимизам во секојдневните борби со предизвиците кои произлегуваат од „надворешниот“ свет.

Филмот, покрај другите награди имаше голем триумф на фестивалот „Санденс“, каде освои три награди, Grand Jury Prize for Best Documentary Film, Best Cinematography Award и Special Jury Award for Impact for Change.

„Медена земја“ е финансиски поддржан од Агенција за филм.