25. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ССК до Владата достави 78 економски мерки за подобрување на работењето на компаниите

Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) на традиционалниот деловен појадок со претседателот на Владата достави пакет од 78 мерки во функција на подобрување на секојдневното работење на компаниите и деловната клима во земјата.

Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, претседателот на Владата, Зоран Заев, и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во присуство на деловната заедница, дипломатскиот кор, ресорни министри, претседатели на комори, во своите официјални обраќања jа истакнаа важноста од активно вклучување на Сојузот, во креирање политики за создавање подобри услови за деловната заедница со континуирано јакнење на јавно-приватниот дијалог, а со тоа и на влијанието за раст и развој на националната економија.

Пораката што деловната заедница ја упатува со економските мерки на годинешниот деловен појадок сублимирано е да се спроведе сериозна борба со сивата економија, да се елиминираат големиот број парафискални давачки што го оптоваруваат стопанството, да се создадат стабилни услови за водење бизнис за да се охрабрат претпримачите и граѓаните да инвестираат и да работат во приватниот сектор, кој треба да биде двигател на економскиот раст во земјата, рече Арсовска во своето обраќање.

„Сојузот подготви пакет од 78 економски мерки што се однесуваат на измена на законската регулатива, административните бариери и парафискалните давачки, кои се голем предизвик во секојдневието на приватниот сектор, неопходност од дигитализација, поддршка на компаниите во надворешната и внатрешната трговија, индустријата и градежништвото. Секоја од предложените мерки е утврдена во согласност со истакнати реални предизвици со кои се соочуваат компаниите, а врз основа на соодветна анализа, позитивни деловни практики и компаративни искуства во областа“, изјави Арсовска и доби ветување од претседателот и заменик-претседателот на Владата дека сериозно ќе се пристапи кон нив и сооодветно ќе реагира со точно утврдени рокови за реализација.

Во своето обраќање претседателот на Владата, Заев, упати апел до компаниите оваа година да ги искористат сите можности понудени преку планот за економски раст и Законот за државната помош за што годинава од буџетот се издвоени 70 милиони евра за поддршка и за развој на приватниот сектор и за домашните и странските компании. Тој додаде дека и оваа година со измените на законот ги олесниле критериумите, со тоа што и трговските компании, кои реализираат производство стануваат корисници, исто така и компаниите од ИТ-индустријата, како и компаниите од преработувачката индустрија од земјоделството, мерки што биле предлози и од Сојузот.

Заменик-претседателот на Владата, Анѓушев, ги информира присутните за досегашните резултати од реформите, странските инвестиции, кои веќе почнаа со инвестицискиот процес, новата чешка инвестиција, планираниот тендер за изградба на фотоволтаици, како и новите мерки за стучно усовршување на кадарот.

На деловниот појадок претседателството на Сојузот ги елаборира економските мерки што треба да се преземат за подобрување на деловниот амбиент. Сојузот на стопанските комори е познат по своите значајни достигнувања во креирањето економски мерки базирани на анализи на предизвиците и конкретни предлози за нивно надминување, мерки што во изминатите години имаa и до 80 отсто реализација.

Можеби ќе ве интересира

Димитриеска-Кочоска во Загреб- Потпишан Меморандумот за разбирање и соработка насочена кон развој на пазарите на капитал во земјите од Централна и Југоисточна Европа

ДЕСК

По 17 години – нови правила за одобрување возила од 1 септември: Поевтино, побрзо и 1,3 милиони евра назад кај македонски компании

ДЕСК

ССМ со жестоко соопштение: Функционер со 150.000 денари плата или 2.500 евра плата му кажува на работник со 24.397 денари или 400 евра плата како нема да му ја зголеми платата и како добро се живее, веројатно за да не аздиса многу работникот

ДЕСК