23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски потпиша укази за прогласување на 18 закони

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски потпиша укази за прогласување на 18 закони, кои не беа потпишани од претседателот Иванов.

Меѓу потпишаните се указите за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, на Законот за бесплатна правна помош, на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, на Законот за дополнување на законот за служба во Армијата на Република Македонија, на Законот за прекинување на бременоста, на Законот за изменување и дополнување на законот за субвенционирање на станбен кредит.

Имплементацијата на овие закони носи многу придобивки и законските решенија се од суштински интерес за граѓаните на Република Северна Македонија.

Со Законот за спречување и заштита од дискриминација се обезбедува принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Законот ги заштитува лицата со попреченост и ги воведува родовиот идентитет и сексуалната ориентација како основа за заштита од дискриминација.

Со законот за бесплатна правна помош се унапредува правото нa физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита, а со неговото донесување се врши усогласување со законодавството на Европската унија.

Со законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се олеснува остварувањето на правото на физичките и правните лица на слободен пристап до информации и се реформира системот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Со дополнувањето на законот за служба во Армијата на Република Македонија, се овозможува прием на цивилен персонал на служба во Армијата без објавување на јавен оглас, од редот на професионалните војници, на кои службата во Армијата им престанала поради навршување на 45 години возраст.

Законот за Судски совет е реформски закон, целосно усогласен со препораките на Венецијанската комисија, со ГРЕКО и со оценската мисија на ТАИЕКС за обука на судии и јавни обвинители.

Со законот за прекинување на бременоста се укинуваат постојните административни процедури и бариери за спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста.

Измените на Законот за субвенционирање на станбен кредит ќе им помогнат на младите на побрз и поедноставен начин да го решат станбеното прашање. Се намалуваат каматните стапки за субвенциониран станбен кредит, се дава можност за поповолно субвенционирање на станбен кредит за купување на стан за млади до и со наполнети 35 години, како и поволни субвенции за изградба и купување на куќа, како и за надградба и доградба.

Претседателот Пендаровски ги потпиша указите за прогласување на следните закони:
– Закон за бесплатна правна помош,
– Закон за дополнување на Законот за здравствената заштита,
– Закон за инспекциски надзор,
– Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер,
– Закон за Судскиот совет на Република Северна Македонија,
– Закон за ратификација на спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит,
– Закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан,
– Закон за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за банките,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување,
– Закон за спречување и заштита од дискриминација,
– Закон за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за кинематографска копродукција (ревидирана),
– Закон за изменување и дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за Црвениот крст на Република Македонија,
– Закон за прекинување на бременоста,
– Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.