Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на потпишувањето на Договорот за закуп на земјиште помеѓу Дирекцијата за технолошки и развојни зони и германската компанија „Герешајмер“.
Пред претставниците на компанијата, како и пред медиумите Премиерот Заев, истакна дека станува збор за една од највредните странски инвестиции.
Во продолжение Ви го пренесуваме во целост текстот на обраќањето на Премиерот Заев.
„Денеска, имаме навистина убав настан. Овде во Владата на нашата земја, го потпишуваме договорот за една од највредните странски инвестиции, која ни доаѓа од пријателска Сојузна Република Германија.
Ставаме потпис на договор за инвестиција во нашата земја со компанијата Герешајмер, светски бренд во производството на амбалажа за медицинска и фармацевтска индустрија.
Бордот на директори на оваа компанија донесе одлука да реализира инвестиција која проектира нови 400-тини работни места.
Внимателната статистика ќе потврди дека одлуката на Герешајмер да инвестира во Северна Македонија е една од двете инвестиции кои беа договорени непосредно после потпишување на Протоколот за членство во НАТО.
Сосема извесно членство во НАТО обезбедува поголема безбедност што ја подобрува можноста на земјата да одржува политичка, но и пред се економска стабилност.
Исто така, сосема заслужено, очекуваме ова лето да добиеме и позитивен сигнал, односно одлука за датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.
Членството во ЕУ значи влегување во голем и развиен пазар со што се зголемуваат перспективите за економски раст.
Политичката и економската стабилност, како и влезот на големиот и развиениот пазар како што е европскиот, е најсилната гаранција за привлекување на странските инвестиции.
Многу бргу, ќе имаме уште една ваква прилика кога ќе соопштиме дека ќе бидат потпишани договори со уште две странски компании. Договорите со нив се во некоја завршна фаза.
Пред три дена, од Виенскиот економски форум, кој оваа година едно свое издание посвети исклучиво на перспективите на Северна Македонија, се вративме со покажан интерес од многу компании, две беа така попрецизни, помотивирани. Верувам дека ќе следуваат токму и од нив убави одлуки.
Сето ова значи дека инвеститорите веќе ја препознаваат земјата како стабилна и сигурна дестинација за своите вложувања.
Политиките даваат резултат. Креираме позитивен економски амбиент во земјата. Сите крупни политички одлуки досега беа на крајот за економија, за инвестиции, за нови работни места, повисоки плати.
Посветеното работење на привлекување на нови реномирани странски инвеститори, на одржување на добри контакти со постоечките инвеститори, но и на поттикнување на домашните компании да ги прошируваат своите капацитети и да инвестираат во нови капацитети е политика којашто досега беше доминантна и ќе продолжиме сите во таков правец.
Резултат на нашата работа се нови, осумнаесет директни странски инвестиции од почетокот на мандатот, во технолошко индустриските развојни зони и надвор од нив. И веќе 19-та, којашто секако се реализира.
Имаме рекордното ниво на странски инвестиции кои одбележуваат и кршат рекорди од самостојноста на земјата. Но не треба и не застануваме тука.
Работиме на силна индустријализација базирана на високи технологии и добро платени работни места за нашите граѓани.
Дополнително отворивме цели едни поглавја и можности на брзи траки да ги мотивираме и услугите во нашата земја, инвестирање во ресторани, во хотели, спа центри и сето она коешто претставува друг вид на производство, освен индустриските производи.
Забрзано ќе продолжиме и во фаќањето чекор со развиените земји, да обезбедиме работа за сите, да ги задржиме младите во нашата земја и да имаат достоинствен приход кој ќе ги мотивираат сите да останат дома, да живеат дома, да го планираат својот живот дома.
Компаниите како Герешајмер, со високо ниво на технолошкиот процес, се добредојдени во нашата земја. Продуцираат производи со високо ниво на додадена вредност, внесуваат нови технологии, знаења и вештини. Обезбедуваат квалитетни и подобро платени работни места.
Ги остваруваме почитувани граѓани нашите цели. Создаваме шанса за сите граѓани на Република Северна Македонија за подобар живот и за повисок животен стандард.
Уште еднаш упатувам благодарност до компанијата Герешајмер што ја избра Република Северна Македонија за своја нова бизнис дестинација.
Инвеститорите од Германија препознаа дека во Владата имаат искрен и отворен партнер за соработка.
Сметајте на континуирана поддршка и соработка од Владата и од сите владини институции и пред се, од нашите граѓани во нашата земја.
Заедничкиот интерес е мотивацијата за храбри одлуки и големи инвестиции во нашата земја. Нашиот интерес е Бруто домашниот производ, нови работни места и извоз на нашето домашно производство.
Вашиот интерес ќе биде профитабилност, одржливост овде, но се надевам и задоволство од Вашето функционирање и работење во Република Северна Македонија“.