19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Резултатите од првиот круг покажаа дека во моментов сме најголема политичка сила во земјава

Зоран Заев и власта се целосно делегитимирани и ВМРО-ДПМНЕ е на чекор од победа на претседателските избори, констатирано е на вечерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на која што се анализирал исходот од првиот круг на изборите за претседател.

„Резултатите на првиот круг на изборите покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов е најголемата политичка сила и ја има поддршката од домашната и од меѓународната јавност, а наскоро по победата на претседателските избори ќе ја води државата“, се наведува во партиското соопштение.

Членовите на ЦК го поздравиле резултатот постигнат на првиот круг на претседателските избори, при што изразиле целосна подготвеност и решеност да се поминат и последните милиметри до конечна победа на изборите.

„Анализата на добиените гласови по општини и изборни единици покажуваат победа на ВМРО-ДПМНЕ во 47 општини, што се должи на успешното препознавање на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на волјата на граѓаните да расчистат со криминалните политики на власта. Незадоволството на граѓаните е големо, расте со секој изминат ден и тоа ќе биде изразено на денот на изборите. Ниеден притисок, ниедна уцена од апсолутистичката власт не е посилно од сувереноста на гласот зад параванот. Оттука, упатен е апел до неопределените и оние кои не излегоа на гласање на првиот круг на овие избори, а не се согласуваат со политиките на власта, на вториот круг да излезат и да дадат поддршка за Гордана Сиљановска Давкова“, стои во соопштението од опозициската партија.

Од страна на Централниот комитет била упатена и покана до сите поранешни функционери и видни личности од ВМРО-ДПМНЕ на сите нивоа, да се вклучат и да помогнат во изодувањето на, како што се вели, последните милиметри до победа на Претседателските избори 2019.

Спонзорирано: