11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Објавена програмата за 18. ОФФ-фест

Традиционалниот ОФФ-Фест, што годинава ќе се одржи во рекордни шест дена од 3 до 8 јуни, е сочинет од 9 настапи и еден документарен филм.

Осумнаесеттото издание на фестивалот ќе го отвори, на 3 јуни во МОБ, виртуозниот дует на велшката харфистка Catrin Finch и сенегалскиот кора-мастер Seckou Keita, како и нашиот њујорчанец Крсте Роџевски, со концертна премиера на својот исклучително интересен и вреден материјал, во придружба на неговите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез сцена.

На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм „Mali Blues”, а потоа и со концертот на единствениот Bassekou Kouyate и неговиот бенд Ngoni Ba, промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум „Miri”.

Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер, на 5 јуни, во МОБ, со настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот ОФФ-Фест, атрактивната африканска дива Fatoumata Diawara.

Во рамките на т.н. Balkan Fever Night, на 6 јуни во МКЦ, ќе се „судрат“ две големи балкански world-music атракции: неприкосновените претставници на „унгарската тамбурица“ Sondorgo и струмичкиот „фанки тигар“ Џамбо Агушев со неговиот многуброен, експлозивен и светски популарен дувачки оркестар.

Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудио-визуелен перформанс на либанскиот одговор на Gotan Project – групата Love And Revenge и фуриозната електро-психоделична cumbia на Колумбијците Romperayo.

Фестивалот ќе финишира на 8 јуни, во клубот Епицентар, со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Daddy G од Massive Attack.

Влезниците за ОФФ-Фест 2019 ќе бидат пуштени во продажба на 23 април (вторник), а информацијата за цените и продажните места ќе биде објавена дополнително.

Спонзорирано: